Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во земјава присутни се два, три соја на коронавирусот. Тој нагласи дека принципите на превенција и вакцинација се исти за сите соеви доколку не сакаме да живееме затворени.

– Принципите на превенцијата се истите и без разлика кој сој на вирусот ќе дојде ќе останат исти – маската, дистанцата, дезинфекцијата на рацете и ние не можеме да живееме затворени. Граѓаните мора да го имаат ова на ум и да имаат на ум дека станува збор за нивното здравје и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки, нагласи Филипче. Тој појасни и дека 70, 80 и 85% на вакцинирани жители дали по групи или вкупно во државава би значело колективен имунитет.

Ако е голема гужва во ресторан, посочи, не мора сите да влеземе таму, треба да знаеме низ што поминавме и треба да знаеме дека не може се да ни каже државата што да правиме, ние мора да функционираме, а во исто време да водиме сметка за сопственото здравје и тоа е еден многу битен сегмент што ќе остане да важи следните веројатно години колку што ќе трае пандемијата, а тоа никој не знае во овој момент.

Во врска со вакцинацијата на децата, рече дека ќе се види на крајот на неделата каков ќе биде интересот.

– Тогаш ќе го имаме пресекот на вкупниот број на пријавени. Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. И мислам дека и тоа е еден сериозен сегмент, голема бројка на млади луѓе кои се трансмитер на вирусот и кои се посебен ризик категорија за есенските месеци. Така што, опцијата е отворена. „Фајзеровата“ вакцина е препорачана и во упатството од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, така што мислам дека е уште еден добар момент, додаде министерот.

Тој потенцираше дека граѓаните мора да сфатат дека вакцинацијата е единствениот спас од Ковид-19, најавувајќи дека од есен најверојатно на масовни настани и на отворено и на затворено би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против Ковид-19.

Околу тоа дали ќе се воведат построги мерки бидејќи се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани, Филипче рече дека според нивните анализи здравствениот персонал е вакциниран со прилично висок процент, некаде 85 проценти, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките. Затоа размислуваат на алтернативни решенија како воведување на сертификат за вакцинација за сите кои сакаат да присуствуваат масовно на настани на отворено и на затворено.