По повеќе од 100.000 случаи регистрирани на Божиќ, денеска бројот на новозаразени луѓе со Ковид-19 достигна нов рекорд од речиси 180 000 нови случаи. Повеќе од 3.400 пациенти се хоспитализирани на интензивна нега, што е зголемување за 417 пациенти за еден ден, јави дописникот на МИА.
Според податоците објавени од Јавното здравство на Франција, за дваесет и четири часа биле идентификувани точно 179.807 позитивни тестови. Во просек, во изминатите седум дена, 87.214 луѓе биле позитивни на тестот.
Приближно 700.000 луѓе денеска примија вакцина против Ковид-19 од кои 46.589 прва доза, а 613.757 дополнителна доза.
Францускиот премиер Жан Кастекс вчера најави нови рестриктивни мерки, меѓу кои ограничен број на луѓе во затворен и во отворен простор, како и работа од далечина.