Проф. д-р НАТАША КОТЛАР – ТРАЈКОВА

Георги (Гоце) Делчев (1872–1903) е најзначајната личност на македонското национално и ослободително движење од крајот на  XIX  и почетокот на XX век – идејник, организатор, агитатор, војвода, масовик, револуционер од балкански размери. Тој е претставник на македонската национална интелигенција и авангарда, чија основна задача била изведување на морална и политичка револуција во конкретното историско време.[1] Во оваа смисла, не случајно, македонскиот револуционер и деец, Коста Веселинов[2], во есејот „Гоце Делчев – изразител на македонската национална борба“ (1940), запишал:

и македонскиот народ во епохата на своето национално оформување исфрли од својата средина еден таков национален херој – Гоце Делчев, кој целиот свој живот се бореше за слобода и независност на Македонија и со својата крв ги циментира основите на македонската ослободителна борба“.[3]

Битно обележје во Делчевата револуционерна активност е доследноста во борбата за самостојност и за независна македонска држава. Или како што тој пишува во едно свое писмо – „слободна државичка“ до која ќе се стигне преку „внатрешно востание[4]. Во писмото, воедно ги искажува основните принципи на кои треба да се гради македонската револуција:

Во Македонија се развива систематска агитација за едно општо внатрешно востание, која има земено големи размери и нема катче во Македонија што не е опфатено… затоа е должност на секој родољубец да помогне колку што може повеќе…“[5]

Делчев, инсистира на длабока преобразба на османлиската општествена сцена, настојувајќи да се постигне духовен и образовен препород на македонскиот народ и секако, високи вредности на човечката личност. Во оваа смисла е и неговото размислување:

Моралната револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача“.[6]

Во 1872 г., кога Гоце Делчев се родил, новоформираната црковна институција во османлиската држава – Бугарската егзархија[7] амбициозно настапувала на македонскиот терен, посегајќи по автономноста на црковно-училишните општини, единствените јадра на демократски живот на македонскиот човек, нивно завладување и бугарско маркирање. Иако, уште во јуни 1870 г. пред јавноста се отворила темата за „прашања македонски“, односно за македонската различност од аспект на народност, јазик и црква – Охридска архиепископија.[8] Затоа овде е моментот, накратко да се задржиме на присуството на бугарскиот атрибут во актуелната терминологија и во преписката на Делчев, односно –„Бугари[9]; „бугарски народ“ итн. Овие термини го имаат своето одредено значење само во конкретното време и простор, односно во XIX и почетокот на XX век во османлиската држава. Доколку би било поинаку (а за жал, такви примери има), тоа би било, како што вели современиот филозоф Квентин Скинер, парахиерархијализам, односно вредносниот систем на една култура, традиција, разбирање, социјални процеси, да се смета за основно мерило на вредносната структурата на друга култура, традиција, разбирање, општествена структура. На тој начин, процесите можат лесно да се извадат од контекстот на историското време. Поедноставно: поимањето за национален идентитет или степенот на националната свест согледано од аспектот на денешнината се поставува како основен „мерен инструмент“ со кој се определува степенот на националната свест на нашите предци во XIX век. Дотолку повеќе, со оглед на тоа што османлиската општественост познавала, односно признавала верски заедници, т.н. милет систем[10], а не етнички (народни) заедници. Во почетокот на XIX век, под влијание на општествените промени во османлиската држава, социо–економските внатрешни движења, геополитичките стратегии на европските сили, како и либералните и националистичките идеи кои почнале да навлегуваат на Балканот од Запад кон крајот на XVIII век, започнал процесот на фрагментирање на милет–системот. Така, верскиот термин „Рум милет“ кој потекнувал од името на претходната државна формација (Источна римска империја) и кој во османлиската држава се однесувал на целото православно христијанско население на Балканот под јурисдикција на Цариградската патријаршија, почнал да се менува и постепено да станува синоним за терминот „Грк“ во смисла на етноним, независно дали се работело за припадник на Кралството Грција (1830) или за православен христијанин под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Нешто подоцна, благодарение на геополитиката и руското влијание, во 1870 година, со султански ферман била создадена нова црковна институција за православните (словенски) христијани – Бугарска егзархија. Впрочем, една деценија порано, руската балканска политика, но и австриската, имале голем интерес словенското население во географскиот опфат на денешна Македонија и Бугарија да го именуваат како „Бугари“, надоврзувајќи се на средновековната мистификација.[11] Тие, а особено Царска Русија, не само што го промовирала ова именување на политичката карта, туку и го издигнале на ниво на научна вистина, кое, пак, во османлиски рамки успешно било спроведувано од Егзархијата. Антиципирањето на македонските особености не било определба ниту во османлиската државна политика, која дури и формирала нови територијално–администаративни едници – вилаети за да го истисне името Македонија, ниту на европските сили, во прв ред на царска Русија и на Австро–Унгарија. Османлиските власти, пак, во согласност со милет системот, припадниците на Егзархијата ги нарекувале „Бугар милет“ или едноставно „Бугари“. Односно, како такви фигурирале сите оние што биле опфатени во овој „милет“, независно од етничкото потекло (македонско, српско, влашко, албанско). И во овој случај, верската определба постепено добивала значење на етноним. Благодарение на милет системот, црковните институции – Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија имале право да го организираат и да го водат образовниот систем на православното христијанско население во османлиската држава, респективно Македонија.[12] Во услови на веќе постојни државни творби, тие преку овој воспитно– образовен систем емитувале грчка или српска, односно бугарска култура, која кај воспитаниците во перспектива требала да поттикне барања за нејзино совпаѓање со новите политички граници, односно исполнувале значајна улога во ширењето на државниот национализам на конкретните балкански земји. Во едно традиционално аграрно општество, какво што било османлиското, власта била заинтересирана пред сè за земјопоседништвото, за собирањето на даноците, за одржување на мирот. Османлиската власт била дури сосема индиферентна спрема различните вери и култури со кои владеела. Наспроти тоа, нејзините потенцијални „наследници по оружје“ (Кралството Грција, Кралството Србија, Кнежеството Бугарија) не можеле да седат мирни додека не го наметнале националистичкиот принцип: cuius region, eius lingua. Тие жеднееле по културните и лингвистичките души на османлиските поданици.[13] Во спомнативе политики, Македонија фигурирала единствено како територијална варијабла, а македонската содржина (народност, јазик, култура) била апстрахирана, што најдобро го потврдиле последиците од Балканските војни (1912/13). Академик Блаже Конески потенцира дека бугарското влијание во Македонија се засилило особено по ослободувањето на Бугарија (1878), но дека македонскиот народ не се асимилирал и набргу потоа ја започнал борбата за излез од лавиринтот на „општествената парализија“.[14] Ова недвосмислено укажува на фактот дека

биле длабоки корењето на нашето национално движење и дека биле коренито различни интересите на македонскиот народ од интересите на бугарската буржоазија“.[15]

Заради историската вистина, во еден мал сегмент го разработивме амбиентот во кој личноста на Гоце Делчев почнала културно, идејно, национално, политички и сестрано да се формира, под влијанието на  традиција на организираната борба од неговиот роден крај – преродбенскиот Кукуш, под влијанието на солунска гимназија и книжнина, како и од нејзините револуционерни кружоци, софиската велеградска средина и воената академија;  и секако под влијанието на напредните идеи од науката, литературата, филозофијата и социјализмот. Оттука, сосема е разбирлива неговата изјава:

Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите!“,

секогаш актуелана и поттикнувачка за индивидуално и за општо делување и зреење. Оваа подлога во психолошкото и културното оформување, нужно го упатувала Делчев кон македонското ослободително дело,  преобразувајќи го неговиот животен летопис во пространата историја на македонското револуционерно движење.

Посветен во Организацијата (МРО) од Даме Груев во 1894 г., Гоце Делчев се промовирал во доследен и посветен реализатор, на нејзиниот национално-револуционерниот концепт и ослободителната платформа. Како пролог на ова е и размислувањето на Гоце, искажано уште на нивната прва средба:

Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку Македонија?“[16]

Четата на Јане Сандански

Оттогаш па сè до крајот на животот, длабоко во него била залегната идејата за самостојна ослободителна борба, која му станала преовладувачка животна определба. Тој ја надминал дотогашната практика на поединачно зачленување на луѓето од градските средини и постојано се движел во агитација и организација меѓу селанството. Сеќавајќи се на ова Даме Груев, воодушевено истакнува:

Делчев веднаш ми направи впечаток со својата отвореност и чесност. Тој беше, при првите обиди да зачленува, дури и претерано отворен, па требаше да го контролираме за да не ја издаде нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој сè се стремеше да си ја каже вистината, мислејќи дека секој треба да ја усвои идејата така како што тој ја усвоил. Беше многу пргав.“[17]

И навистина, организациската активност, Гоце ја започнал со јасен став, да ги убеди луѓето да ја прифатат ослободителната идеја како трајна вредност, не со силата на оружјето и на заплашувањето, туку со моќта на зборот и на делата. Во врска со ова, неговиот долгогодишен соработник и соборец, Ѓорче Петров, пишува:

По тактот на дејност како легален деец, Гоце се разликува од своите другари… Млад човек со експанзивна натура, со слободна душа, тој бараше насекаде праволинејност, без секакви скривнувања…Таа негова особина беше најценета за делото. Каде што ќе стапнеше тој, работите на Организацијата добиваа силно темпо.“[18]

Преку неговата непосредна дејност среде селската средина, бргу никнале нови револуционерни центри.[19] Затоа нему дури и повеќе одошто на некои иницијатори, му прилега епитетот основоположник на МРО. За Гоце Делчев МРО била автентично националноослободително движење со легитимитет, со определба за револуција како основна форма на политичката борба, со амбиција за масовност и поддршка од народот. Затоа, тој е и конкретен, говорејќи пред раководителите на Костурскиот и Леринскио револуционерен реон (1902):

Ние ќе одиме кон својата цел со истата енергија додека да го подигнеме народот за онаа голема акција што ќе го затресе од темелите ова крваво царство и ќе ја донесеме слободата“.[20]

Делчевата заслуга, бездруго, највеќе се огледа во фактот што успева бунтовната стихија на народниот гнев да ја упати низ логиката на организираната револуционерна акција. Ова го забележува и војводата Н.П.Русински, во своите сеќавања:

„Како прв водач на едно револуционерно дело, какво што е македонското, Делчев не сметаше да стои на високо како водач“, напротив бил близок до народната низина.[21]

Тој низ непосредните задачи ги поставува јасните цели на борбата, меѓу кои доминира првиот принцип: Македонците да се ослободат со сопствени сили и да се борат постојано за својата потполна независност. Н.П.Русински, исто така, во своите Спомени го запишал, следново:

Нашиот голем апостол Гоце, кажува: ‘Слободата на Македонија ќе изгрее од самостојната борба на Македонците’. Според некои, Гоце е ‘самоуверен’, но е прав. Делчев секогаш имаше свое мислење дека ние сосема треба да им се препуштиме на располагање на селаните, за да можеме на ваков начин да ја придобиеме нивната доверба и да ги опфаќаме!“ Тој демонстрирал умешност во разјаснувањето и ширењето на идејата и целта на Организацијата. Агитацијата воопшто не била  формален чин, за него. Пишувајќи за ова, Делчевиот соборец Н.П.Русински, ни го разоткрива и следново: „Гоце не беше љубител на долги говори, никогаш не заземаше поза на оратор, но изреченото слово од него беше убедливо и со чувство на длабока жалост за бедните, голите, сираците, вдовиците и за старците. Тој опишуваше слики пред слушателите и нив ги трогнуваше до дното на душата.“[22]

Гоце Делчев е родоначалник на четничкиот институт на ТМОРО, квалитативна нова содржина во нејзиното дејствување. Односно, организирана воена сила, со задача да ја предводи револуцијата за општествена преобразба. „Четништвото – ете го местото кадешто Делчев се чувствуваше во својата стихија!“ се сеќава, Ѓ.Петров и продолжува:

Преку него единствено тој наоѓаше можност… да се движи слободно меѓу селските маси, без никакви ограничувања и да ја излива својата енергија во реализирањето на своите замисли во секое време.“[23]

Започнала нова етапа во развојот на ослободителното движење, Организацијата станала „во голем степен боева“.[24] Според Правилникот за четите на ТМОРО[25], требало во секоја револуционерна околија да се формира чета, како неразделен дел на месната револуционерна организација и да ја објаснува и шири меѓу населението идејата за целта и задачите на ТМОРО. Да се ангажира во издигање на народната свест, да организира (револуционерна) судско-извршна власт, да ги подучува на воени вештини и морални норми четниците и селаните, да се грижи за вооружувањето и материјални средства и друго. Главната улога, во ова конципирање и разгранувањето на четничкиот институт ја имал Гоце Делчев, при што, Даме Груев го именува и како „Делчевиот концепт“.[26]

Мошне е значајна неговата дејност како задграничен претставник на ТМОРО. Сè поотворената бугарска големодржавна политика ја наложила потребата од создавање на посебна институција – Задгранично претставништво на Организацијата со седиште во Софија, каде, главно се креирале плановите за оневозможување на самостојноста на македонското национално и ослободително дело. Задгранично претставништво на ТМОРО започнало да функционира од средината на декември 1896 г. со доаѓањето на Гоце Делчев  во Софија за прв задграничен претставник во Кнежевството Бугарија. Наскоро му се придружил и Ѓорче Петров и во оваа поставеност функционирале до 26 септември (6 октомври н.с.) 1901 г. При тоа, Г.Делчев се занимавал со организациската работа, ангажирајќи се за добивање на материјални средства, оружје, муниција и револуционерна литература, со препраќање на револуционерни сили во земјата, со обезбедување на пограничните пунктови. Бил и бескомпромисен борец против врховизмот и неговите акции во Македонија[27], а во одбрана на самостојноста и независноста на ТМОРО. Во оваа смисла е и неговата мисла:

Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех![28]

Жестоките и контраверзни постаки и однесувања на раководителите на Врховниот комитет (ВМК) во одделни периоди – Борис Сарафов, генералот Иван Цончев или пак на Иван Гарванов, нелегитимниот раководител на ЦК на ТМОРО (1901), ја провоцирале и трошеле Гоцевата емоционалана, физичка и интелектална натура. Ова се рефлектира и во неговото писмо од 4 март 1901 г., упатено до Никола Малешевски во Дупница. Меѓу другото, Гоце информира, дека:

несовесноста достигнала дотаму што со демонска насмевка тие (Сарафов, Цончев и др., б.н.) се радуваат на жестоките удари, нанесени од турските власти на Организацијата“.[29]

Во меѓусебните расправии, Гоце сериозно му забележал на Б.Сарафов:

Нема да дозволиме офицери во Организацијата и во Централниот комиетАко (Иван, б.н.) Цончев или вие заминете внатре (во Македонија, б.н.) ќе ги сретнете штиковите на Организацијата… Додека моето раме ја крепи пушката, Македонија ќе биде недостапна за бугарски офицери“.

Тој, иронично го предупредил Б. Сарафов, дека:

Организацијата не е бланко печат. Организацијата е народот“.[30]

Карактерологијата  на неговата идејно-политичка физиономија, најдобро си ја дава самиот тој: „Јас по душа сум анархист, по убедување социјалдемократ, а по дела револуционер“.[31] Со особено чувство за општата реалност во Македонија во османлиски  рамки, Г. Делчев бил за создавање на широк народен фронт, како неопходност за успех на ослободителната борба. Тоа значело, не само промовирање на програмската определба на ТМОРО за опфаќање на сите незадоволни од актуелниот систем на власт, туку и борбата да се водела од името на сето население без да се засегнат неговите национални и верски чувства. Г. Делчев бил свесен дека во конкретното историско време, борбата на македонските револуционери се одвивала во многу поразлични политички и економски услови од оние на грчките, српските и бугарските револуционери. Тоа значело, прилагодување на македонското револуционерно движење кон актуелните, тековни услови. Затоа, македонските револуционери морале да внимаваат и на политиката на  балканските држави, претенденти  кон Европска Турција, респективно кон Македонија, но и на интересите на Големите сили (Австро-Унгарија, Русија, Италија). Затоа, ослободителната борба требала да го опфати сето население во Македонија. Г. Делчев бил личност со рано всадена и постојано култивирана свест за високите вредности на човечкото достоинство. Реалистичноста кај Гоце кулминира и во неговата упорност против предвременото решение за кревање на востание во Македонија, сметајќи дека таа требала да биде постојано во положба на востаната област.[32] Тој не само што предупредува дека е „престапно да се ослободува еден народ преку преднамерно создадени пожаришта и касапници“ и дека „практичните сообразувања наложуваат борба со најголема заштеда на средстава и сили[33], туку е наполно свесен дека неколкуте илјади македонски пушки и бомби не можат да ја победат Османлиската Империја. За Гоце, борбата на Македонците има подлабока смисла, народот да се убеди дека е способен да се бори за своите права, слободата не се подарува. „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите!“, е неговиот конечн став.[34]

Од 1872, годината на неговото раѓање, до 1903, годината на неговата смрт, се протегаат само 31 година, живот на смотник и масовик, живот на инвентивен дух што сета енергија ја завештал на народната борба за слобода. Делото на Гоце Делчев „остана како патоводна ѕвезда за идните македонски поколенија“.[35] Во оваа смисла се и зборовите на Ѓорче Петров искажани на предавањето пред македонските студенти во Софија, во мај 1919 г. „Тој (Гоце Делчев, б.н.)  не беше ниту неповторлив, ниту недосеглив, ниту пак човек на минатото, за да се задоволуваме само со неговите спомени, туку секој може да биде, ако не Делчев, тогаш барем слично на него. Доволно е само како него, да се презре своето лично богатство во полза на татковината и да се напои душата со неговите човечки и општествени добродејствија.“[36] Гоцевата револуционерна традиција се рефлектира и во опусот на македонските поети: Кочо Рацин, Никола Ј. Вапцаров, Коле Неделковски и др. Така за поетот Кочо Рацин, Делчев е првоборец, кој знаел кои се вистинските потреби на Македонија во конкретното време и на народот за слобода и за економски-културен развој и негово подигање  „како нација.“[37] Во народната меморија, во нашата непишана историја, која секој Македонец, иако честопати неграмотен, ја учел од постарите, од нивните прикажувања, од песните што ги пееле покрај семејното огниште или на домашните веселби, Гоце Делчев останува запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, негов организатор, водач и заштитник. Она што го беседел на средбите, секој негов збор проникнувал во народната душевност.

Името на Гоце Делчев е особено популарно во народноослободителната борба. Го носеле некои партизански чети, одреди и бригади (Битолски партизански одред „Гоце Делчев“, 1942 г.; Бригадата „Гоце Делчев“, 1944 г.), а присутно е и во документите на АСНОМ, особено во Манифестот. Не треба да се изостави и фактот дека името на Гоце Делчев се споменува и во македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа“, и тоа во сите нејзини варијанти. Писателот Владо Малески го внел неговото име како прво, во песната која настанала уште кон крајот на 1941 г. како апотеоза на македонската борба за слобода и за државност. Како што е познато, овој стих во македонската национална химна, официјално усвоена во 1992 г., гласи: „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ Ова пак, уште еднаш покажува дека и во едно од најзначајните обележја на националниот и на државниот идентитет било неизоставно спомнувањето на Гоце Делчев, како личност која е еманација на македонската борба за слобода и независност.

(Продолжува)


[1] Според Гоце Делчев: „Внатрешната 0рганизацијата не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“. – Преображенското въстание, 181, цитирано според Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев, Истарска наклада, Пула, 1985,

[2] Коста Веселинов (1908–1942) е македонски културно-национален деец, правник, историчар и публицист, роден во с. Бобшево во пиринскиот дел на Македонија.

[3] Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, 234–235.

[4] Писмо на Гоце Делчев од 17 октомви 1895 г. упатено до Ефрем Каранов, претседател на ќустендилското Македонско друштво. – Гоце Делчев,  Писма и други материали, издирил и подготвил за печат Дино Кьосев, Българска академия на науките, Институт за история, София, 1967, 274.

[5] Меѓу другото, Гоце Делчев, укажува: „…Ако востание може да се подигне со 1—40 души, тогаш Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Но бидеќи тоа е невозможно, а треба народ, тогаш, што треба да се направи? Треба тој народ да се разбуди от петвековниот длабок сон, кој [го] направил Македонецот доста мрзлив [неупатен] во осознавањето на човечките правдини.“ – Ibid., 276.

[6] Окружница на Гоце Делчев (8–4 март, 1901 г.) – Гоце Делчев. Писма и други материали, 313.

[7]  Бугарската егзархија е основана со султански берат (документ). Според чл. 10 од документот се давала можност за слободно изјаснување или референдум на сето словенско население во османлиската држава, кое немало своја црква и било во рамките на Патријаршијата (во овие рамки и Србите), сега да се определи за прикучување кон новооснованата црковна институција – Егзархијата. Оттука, определувањето на некои македонски епархии да ѝ се поттчинат на Егзархијата (1872; 1875) всушност било глас за еманципација од грцизмот, а не плебисцит во полза на бугарската кауза.

[8] Сведоштва за македонскиот идентитет (XVIII – XX век), ИНИ, Скопје, 2010, 23.

[9] Писмо од 5.1.1899 г. на Делчев до Никола Малешевски пунктов началник на МРО во Дупница (денес гр. Станке Димитров, Р Бугарија). – Гоце ДелчевПисма и други материали, 183.

[10] „millet“ – вера, религиозна определба, односно заедница. Овој систем бил воспоставен само неколку месеци по османлиското освојување на Константинопол (1453), односно Цариград (Истанбул).

[11] Поопширно в.: Митко Б. Панов, „Идеолошката димензија на судирот помеѓу Василиј II и Самуил“, СПЕКТАР меѓународно списание за литературна наука, ИМЛ, г. XXIX, кн. I, 57, Скопје, 2011, 6–17.

[12] Наташа Котлар-Трајкова, „Антиегзархиската борба како афирмација на македонскиот идентитет (1878–1893)“, Зборник Македонскиот идентитет низ историјата, ИНИ, Скопје, 2010, 177–189.

[13]  Ернест Гелнер, Нациите и национализмот, Култура, Скопје, 2001, 67.

[14] Темко Попов, Кој је крив?, Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје, 1980, т.I, 284.

[15] Блаже Конески, Кон македонската преродба. Македонските учебници од 19 век, второ издание, Институт за национална историја, Скопје 1959, 99.

[16] Крум Христов, Гоце Делчев, София, 1955, 85.

[17] „Спомени на Дамянъ Груевъ, Борисъ Сарафовъ и Иван Гарвановъ“, Материяли за историята на македонското освободително движение, кн. V, съобщава Любомиръ Милетичъ, Македонски Наученъ Институтъ, София, 1927, 18.

[18] Гане Тодоровски, „Револуционерниот лик на Гоце Делчев“, Трактати за сонцељубивите, Култура, Скопје, 1974, 179.

[19] Димитар Димески, Гоце Делчев, Матица Македонска, Скопје, 2003, 99–225.

[20] Христо Анодонов–Полјански Гоце Делчев, Преписка, т.III, 136.

[21] Никола Петров Русински, Спомени, предговор, редакција и коментар Даринка Пачемска-Петровска и Војо Кушевски, ИНИ, Скопје, 1997, 92.

[22]Никола Петров Русински, Спомени, 189–190.

[23] Гане Тодоровски, „Револуционерниот лик на Гоце Делчев“, Трактати за сонцељубивите, 181.

[24] Мислење на Христо Матов за четништвото. Поопширно за ова, в:. Димитар Димески, Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает…, 208.

[25] Правилникот за четите на ТМОРО го изработиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 г., во согласност со чл. 11 од Уставот на ТМОРО (1896).

[26] Писмо на Д.Груев (1901)  до членовите на охридскиот револуционерен комитет, во кое се вели: „во иднина, што се однесува на четите, да се сообразите со Делчев…“. – З. Нонева, Неизвесни писма на Дамян Груев, Известия на НБ „Кирил и Методий“, т.XVIII (24), София, 1983, док. 16, 490.

[27] Уште во февруари 1896 г., пишувајќи му писмо на Никола Зографов, пунктов началник на МРО во Ќустендил, Г.Делчев, вака го оценил Врховниот македонски комитет (ВМК): „Тој комитет таков впечаток ми направи, такво силно оладување предизвика кај мене, што јас не гледам дали ќе помогнат, туку се плашам да не му нанесат и голема штета на делото“. – Христо Андонов Полјански, Гоце ДелчевПреписка, т.III, 183.

[28]Ibid., 170.

[29] Гоце ДелчевПисма и други материали, 215.

[30] Христо Анодонов–Полјански, Гоце ДелчевПреписка, т. II, 164.

[31] Гане Тодоровски, „Револуционерниот лик на Гоце Делчев“, Трактати за сонцељубивите, 188.

[32] Гоце Делчев прв се спротивставил на решението за востание (донесено во Солун, во јануари 1903 г.) и на негова иницијатива во Софија било организирано советување на група македонски револуционери. Со свои излагања настапиле тој, Ѓ. Петров и др. Тие сметале дека меѓународната и внатрешната ситуација во Македонија не била поволна за кревање на востание. Собирот се искажал против решението за востание.

[33] Гане Тодоровски,  Гоцевата мисла во македонското револуционерно и културно наследство“, Трактати за сонцељубивите, 1974,189.

[34] Писмо до Ефрем Каранов, Гоце Делчев. Писма и други материали, 273–277 .

[35] Коста Веселинов за Г.Делчев. – Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев, 175.

Коста Веселинов (1908–1942) е македонски културно-национален деец, правник, историчар и публицист, роден во с. Бобшево во пиринскиот дел на Македонија.

[36] Гане Тодоровски, „Револуционерниот лик на Гоце Делчев“, Трактати за сонцељубивите, 184.

[37] Кочо Солев Рацин, „Значението на Илинден“, Избрани делаПроза и публицистика, избор, редакција и предговор В.Тоциновски, Скопје, 1987, 170-172.