Откако Филипче стана министер поради неговата неодговорност и неработа, гневот и револтот кај граѓаните секојдневно расте.
Вчера гневните граѓани од Општина Кисела Вода се заканија дека ќе преземат радикални мерки и ќе го блокираат центарот за зависници, ако тој итно не се премести. Жителите беа дополнително револтирани поради неисполнетото ветување дека оваа установа ќе биде дислоцирана до 30. ноември.
-Не сакаме веќе да слушаме празни ветувања! Министре, само ние што живееме таму знаеме како ни е. ..Па веќе 30 години се занимаваме со овој проблем, кој ќе нè разбере нас? Кога одиме на работа ги гледаме зависниците голи како седат и се боцкаат… Доста ни е од говори, бараме конкретен датум кога болницата ќе биде дислоцирана. Доколку и овој месец нема решение, од декември болницата нема да работи, ќе излеземе на протест – револтирано изјавија граѓаните на средбата во општината.
Министерот Филипче се обиде да ја смири ситуацијата, информирајќи дека форум составен од експерти од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Општината Кисела Вода и Полициската станица Кисела Вода веќе една година секојдневно работи за да најде решение за проблемот.
Граѓаните на Општина Кисела Вода револтирано возвратија на Филипче и му најавија дека на 3-ти декември болницата нема да работи.
Министерот Филипче нагласи дека болницата за зависници ќе биде со сигурност дислоцирана, но не посочи конкретна локација. Тој рече дека засега има 3 локации за кои се размислува, а постојниот објектот ќе се пренамени во поликлиника.
На протестот пред десетина дена жителите на Кисела Вода им дадоа рок на властите до крајот на месецов да го дислоцираат Центарот за превенција и третман на зависности од дроги.