Националната комисија за имунизација на Грција предлага вакцинација против Ковид-19 за деца меѓу шест месеци и четири години доколку имаат здравствени проблеми, а им се дава можност и на здрави деца на оваа возраст да ја примат вакцината, по согласност од лекар, соопшти претседателката на комисијата Мариа Теодориду на денешната прес конференција, пренесуваат грчките медиуми.

Теодориду истакна дека во 2022 година со доминацијата на варијантата Омикрон е зголемен бројот на заразени деца и додаде дека комисијата минатиот месец веќе излезе со позитивно мислење за вакцинација со бустер доза за децата со здравствени проблеми меѓу пет и 11 години. Во однос на процесот на имунизација во земјата, генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус соопшти дека досега се аплицирани над 21.660.000 дози од вакцините.

Целосно вакцинирани (со две дози) се над 7.630.000 граѓани, односно 72,7 отсто од општото и 81,3 проценти од полнолетното населени.

-Просекот во Европската Унија е 72,6 отсто од општото население и 82,3 проценти од полнолетното население, а Грција, во двете категории, се наоѓа на 14 позиција, согласно Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), рече Темистоклеус.

Додаде дека Грција е на 14 позиција во ЕУ и во однос на вакцинацијата со третата, односно со бустер дозата, со вакцинирани 66,1 отсто од полнолетните граѓани. Со втора и трета бустер доза вакцинирани се 23,3 отсто од лицата над 60-годишна возраст. Темистоклеус истакна дека програмата за вакцинација продолжува и во земјата функционираат 1.600 центри за вакцинација.