Превентивни скрининг тестови
Во средното доба треба да се продолжи со позитивните здравствени навики и редовните посети на доктор за превентивни скрининг тестови. Жените со висок ризик или со фамилијарна историја за одредени болести имаат потреба од дополнителни испитувања.
Редовно треба да се контролира крвниот притисок за појава на хипертензија, крвниот притисок треба најмалку еднаш годишно да се провери, почесто ако е над 120/80 ммХг.
Мастите во крвта треба да се проверуваат особено ако постојат ризик фактори за кардиоваскуларни болести, болести на срцето и крвните садови. Естрогенот се грижи LDL холестеролот (лошиот) да е низок и HDL холестеролот (добриот) да е висок. Како естрогенот паѓа LDL има тенденција да расте, а HDL останува ист. Здравите животни навики (здрава исхрана, вежбање) може да ги превенираат овие промени.
Шеќер во крвта –треба да се испитува редовно, особено ако постојат други ризик фактори за дијабетес (фамилијарно оптеретување) или зголемена телесна тежина.
Дојки – почнувајќи од 40 година потребен е клинички и ехо преглед на дојките еднаш годишно. Препораките за мамографија како скрининг за карцином последниве години се менуваат. Во некои центри се спроведува по 40-тата и еднаш годишно, во други пак по 50-тата и на две години. Само-преглед се препоорачува еднаш месечно. Но важно е да се знае како точно да се спроведе овој преглед, за да не се самозалажувате дека сте совесни и ги прегледувате дојките, а всушност тоа го правите непотполно или погрешно.
Со мерење на коскената маса, минералната густина треба порано да се почне ако постои зголемен ризик за остеопороза, состојба која е асоцирана со губиток на коскената маса, ако веќе имало скршеница под одредени услови или се земаат одредени лекови.
По 50-тата година треба да се направи некоја од постоечки методи за скрининг за колоректален карцином.
Редовна проверка на забите (на 6-12 месеци) може да открие рани знаци на некои здравствени проблеми и губиток на коскена маса.
Испитување на очите, видот се препорачува почнувајќи од 40-тите за жените кои немаат ризик фактор (дијабетес, висок крвен притисок, фамилијарна историја) или знаци за очна болест.
ПАП (Папаниколау) тест и преглед на мала карлица. ПАП е скрининг за абнормалности кои може да се индикативни за пре- или ран карцином на грлото на матката (цервикс). Ако постојат ризик фактори (претходни абнормални резултати, повеќе сексуални партнери, ослабен имун систем, историја за сексуално преносливи болести, ХИВ инфекција) тестот треба да се прави почесто. Се препорачува гинеколошки преглед еднаш годишно.
Преглед на кожата за кожен карцином – еднаш месечно сами проверете ја кожата за некакви промени, појава на нови бенки, промена на бојата, големината и формата на веќе постоечките бенки. Ако постојат ризик фактори за кожен карцином потребен е периодичен преглед кај дерматолог.
Телесна тежина – скрининг за гојазност почнува да влегува во превентивни прегледи.
Функција на тироидната жлезда и ултразвучен преглед – нивото на естрогените влијае на нивото на тироидните хормони. Посебно внимание треба да се обрне на субклиничкиот хипо- и хипертироидизам. Хипотироидизам, гушавост и канцер се почести кај постменопаузалните жени.