Одделот за трауматологија кој пред седум месеци беше свечено отворен во присуство на голем број владини претставници не профунцкионира во целост. И покрај најавите дека со отворањето на овој оддел ќе се зголемат капацитетите на болницата и бројот на хируршки интервенции, за неполна година од отворањето, едната од вкупно двете хируршки сали е надвор од функција. Апарати има, сали има, ама нема кој да работи. Четворица анестезиолози си заминале во пензија. Недостасуваат и анестетичари, инструментарки како и болничари.
„На Одделението за Трауматологија секојдневно се работи во една од постојните сали, а во втората се работи повремено, причина немање доволно кадар (анестезиолози, анестетичари, инструментарки, како и болничари). Во моментов во Одделението за трауматологија не се лекува ниту еден пациент, од истата причина – немање доволно медицински сестри и болничари.“ – велат од ГОБ Осми септември.
Очекувањата на властите беа дека годишно ќе се вршат 2 000 интервенции. Од септември, кога беше пуштен одделот во функција, до сега се извршени 300. Од вкупно 10 хируршки сали во градската болница, две се надвор од функција. Министерството за здравство тврди дека постојано го зајакнувале медицинскиот кадар преку нови директни вработувања. Освен хроничниот недостаток од кадар, проблем е што и двата томографи во Градската болница се расипани. Непосредно по автобуската несреќа кај Ласкарци , поради преоптовареност, се расипа еден од двата томографи. Од минатата недела е расипан и вториот томограф.
Поради дефектот на апаратите дел од пациентите се препраќаат на скопските клиники. Од болницата објаснуваат дека апаратите биле преоптоворани со снимања што довело до нивен дефект. За две години на апаратот биле извршени 25 илјади снимања, иако според упатствата и спецификите лимитот бил 10 000 снимања. Инаку дневно за снимање доаѓаат и по 50 пациенти во оваа здравствена установа. Директорот Христијан Костов вели дека веќе е почната тендерската процедура за набавка на потребните делови и уверува дека проблемот наскоро ќе биде решен. Од Фондот за здравство ќе исплатат аванс од 15 милиони денари на болницата за да може да се плати поправката на апратите.