Хроничната бубрежна болест е асоцирана со сериозни компликации кои предизвикуваат сериозно намалување на квалитетот на живот. Хроничната бубрежна болест или ХББ може да се појави во било која возраст, но станува почеста со зголемување на возраста. Доколку се открие во рана фаза, хроничната бубрежна болест може да се третира, а со тоа и да се намалат другите компликации и драматично да се намали сè поголемата оптовареност со смртни случаи и онеспособеност од хроничните бубрежни и кардиоваскулани заболувања во целиот свет.

Преваленцата на ХББ драматично се зголемува и трошоците за нејзиниот третман предизвикуваат огромен товар на здравствените системи низ целиот свет. Околу 1 на секои 10 лица има некаква форма на бубрежно оштетување и секоја година милиони лица предвреме ги губат своите животи заради компликации во врска со бубрежна болест. И во нашата држава се бележи контиуниран раст на заболените од ХББ. Стапката на болнички лекувани болни од ХББ пораснала од 3.5/10000 во 1983 на 8.2/10000 во 2006 година, додека годишно по околу 1400 лица имаат потреба од дијализа, од кои најголемиот дел се болни со ХББ.

Хроничната бубрежна болест е од големо значење и како причина за смрт и онеспособеност, како во глобални рамки така и во нашата држава. Така, кај нас возрасно-прилагодената стапка на смртност од ова заболување во 2010 изнесувала 8,2/100 000 жители, што е меѓу повисоките стапки на смртност во Европскиот регион (Слика 1 и 2). За одбележување е што едни од највисоките стапки на смртност од ХББ се бележат кај нас и во околните земји (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина..) што укажува на недоволната свесност на раното откривање на ова заболување и започнување на навремен третман, со што значително може да се влијае на прогресијата на заболувањето и превенцијата на компликациите, посебно на терминалната бубрежна болест и третманот со дијализа или трансплантација на бубрег.

За многу луѓе со хронична бубрежна болест најдобар третман е успешна трансплантација на бубрег, која ја подобрува добросостојбата и овозможува подобар квалитет на живот. Првата успешна трансплантација во САД е изведена во Бостон во 1954 година, додека во Европа првата успешна трансплантација е изведена во Париз во 1959 година.

Во Македонија првата трансплантација на бубрег е изведена во 1977 година во Скопје, додека со рутинска работа е започнато во 1987 година. Денес трансплантацијата на бубрези се изведува ширум светот како рутинска процедура, а најголем проблем претставува ограничениот број на расположливи органи за трансплантација. Кај нас, со донесувањето на новиот Закон за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување (Сл. весник 47/2011) и следствените дополнувања на овој Закон, постои можност за донација на органи како од живи дарители, така и од умрени, односно кадаверична трансплантација. После подолг период и ретки случаи на кадаверична трансплантација, повторно во Македонија се воспоставува овој вид на третман на лекување на заболените лица со терминална бубрежна болест.