Болестите на бубрезите се тивки убијци, кои во огромна мерка влијаат на квалитетот на живот. Сепак, постојат неколку лесни начини да се намали ризикот од развивање на болести на бубрезите.

Одржување на кондиција и активност: Одржувањето на телесната кондиција помага во намалувањето на крвниот притисок, а со тоа и намалување на ризикот за ХББ. Концептот “во движење за здравје на бубрегот” е глобален, светски, колективен марш кој ја вклучува јавноста, познатите и професионалците на движење на јавни места преку пешачење, трчање и возење велосипед.

Правете редовни контроли на нивото на шеќер во крвта: Кај околу половина од луѓето кои имаат дијабетес се развива оштетување на бубрегот, па затоа е многу важно лицата кои страдаат од дијабетес да прават редовни тестови за прверка на бубрежната функција. Оштетувањето на бубрезите заради дијабетес може да се намали или превенира доколку навремено се открие. Важно е да се одржува контрола на нивото на шеќер во крвта, со редовна помош од страна на докторите и останатиот медицински персонал.

Контрола на крвниот притисок: Иако многу луѓе можеби се свесни дека високиот крвен притисок може да доведе до мозочен удар или срцев удар, малкумина знаат дека крвниот притисок е исто така најчеста причина за оштетување на бубрезите. Нормалниот крвен притисок изнесува 120/80. Меѓу ова ниво и 129/89, се сметате за пред-хипертоничар и би требало да прeземете промени во животниот стил и исхраната. За притисок над 140/90, би требало да се обратите кај доктор за ризиците и редовно да се контролира крвниот притисок. Високиот крвен притисок, многу поверојатно, ќе предизвика оштетување на бубрегот кога е асоциран со други фактори на ризик, како што се дијабетес, висок холестерол и болести на кардиоваскуларниот систем.

Здрава храна и одржување на телесната тежина: Овие елементи може да превенираат дијабетес, болести на срцето и други состојби асоцирани со ХББ. Редуцирајте го внесот на сол. Препорачаниот внес на натриум е 5-6 грама на сол на еден ден (околу едно кафено лажиче). Со цел да го намалите внесот на сол, обидете се да ја ограничите количината на обработена и брза храна и не додавајте сол на храната. Полесно е да се контролира внесот на сол доколку сами ја подготвувате храната со свежи намирници.

Одржување здрав внес на течности: Иако клиничките студии не постигнале договор за идеалната количина на вода и други течности кои треба да се конзумираат секојдневно за да се одржи добро здравје, традиционалната мудрост долго време сугерира секојдневно пиење на 1.5 до 2 литри вода.
Конзумирање на доволно вода овозможува бубрезите да го елиминираат натриумот, уреата и токсините од телото, што пак, доведува до „значително намален ризик” за развивање на хронична бубрежна болест, според истражувачите во Австралија и Канада. Наодите, како што велат истражувачите, не се во корист на „агресивно полнење со течности”, што може да има за последица несакани ефекти, но има докази дека умерено зголемен внес на вода, околу 2 литри дневно, може да доведе до намалување на ризикот од намалување на бубрежната функција. Важно е да се има предвид дека вистинското ниво на внес на течности за секоја индивидуа зависи од многу фактори, како што се пол, физичка активност, клима, здравствена состојба, бременост и доење. Дополнително, луѓето кои имаат камен во бубрегот се советуваат да пијат 2-3 литри вода на ден за да се намали ризикот од формирање на нов камен.

Престанете со пушење: Пушењето го успорува крвниот проток во бубрезите. Кога помалку крв доаѓа во бубрезите, доаѓа до пореметување на нивнагта способност да функционираат соодветно. Исто така, пушењето го зголемува ризикот за карцином на бубрегот за 50%.

Не конзумирајте постојано лекови без потреба: Вообичаените лекови, како што се нестероидните антиинфламаторни лекови како ибупрофенот или парацетамолот може да доведат до оштетување и заболување на бубрегот, доколку се конзумираат континуирано. Овие лекови најверојатно не претставуваат значајна опасност доколку вашите бубрези се релативно здрави и доколку ги употребувате само кога има потреба за тоа, но доколку страдате од хронична болка, како што е при артритис или болка во крстот, разговарајте со докторот за да изнајдете начин за контрола на болката без загрозување на бубрезите.

Редовно контролирајте ја функцијата на бубрезите доколку имате еден или повеќе од следниве фактори на ризик: имате дијабетес, имате хипертензија, имате прекумерна телесна тежина, некој од вашите родители или други членови на семејството страдаат од болести на бубрегот.