Лекот „Трикафта“ е стигнат во државава, потврди за електронските медиуми претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар. Тој посочи дека лекот пристигнал во земјава во понеделникот, но дека се уште не е дистрибуиран до клиниката, бидејќи се чекаат да завршат административните процедури.

– Сега треба да поминат бирократски процедури, царина, одобрување, едно, друго… Но, најверојатно, иако неофицијално, веќе в петок можеби пациентите ќе бидат повикани за примање на самиот лек. До крај на неделата би требало да стигне на клиника, нагласи Гаспар.

Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза изјави дека вчера имале средба со министерот за здравство Фатмир Меџити на која разговарале за идните активности.

– Разговаравме за многу работи, за плановите што ги има за понатаму. Запознаени се со сѐ, ќе ја тераме работата како што ја тераме досега, додава Гаспар.

Според информациите кои ги пренесоа дел од медиумите, официјална потврда од Министерството за здравство засега нема.