Во Албанија случаите на коронавирус секојдневно се зголемуваат, односно се зголемува инциденцата на зараза, при што на некои од заразените им е потребна хоспитализација, потврдуваат стручни лица од Институтот за јавно здравје.

– Инциденцата е зголемена од 2,65 на 2,9 во текот на месец август на 100.000 жители. Не сме имале многу сериозни случаи, но во моментов треба да бидеме повнимателни бидејќи случаите почнаа нагло да се зголемуваат, изјави Ровена Даја, специјалист во Институт.

Според неа повеќето од засегнатите се бебиња и новороденчиња.

-Забележлива е заразата кај деца, бидејќи нивните мајки не примиле вакцина против Ковид-19 во текот на бременоста и се незаштитени, а имаме и бебиња кои првпат доаѓаат во контакт со вирусот, рече Даја.

Со доаѓањето на есенската сезона и присуството на нова варијанта во оптек, се очекува да се зголемат и случаите.

– Нова варијанта кружи низ сите европски земји, но не знаеме дали оваа варијанта е пристигната во Албанија. Дури и да дојде, тоа е подваријанта на Омикрон и вакцината што ја имаме заштитува. Во ЈЗУ ја добивме опремата и персоналот е обучен во виролошката лабораторија и во октомври верувам дека ќе направиме секвенционирање за да видиме дали новите случаи се од нова варијанта или не, додава таа. Таа апелира да се применат бустер дози, особено за ризичните групи.