Основните продукти за заштита од коронавирусот кои се продаваат во аптеките (маски, алкохол, ракавици), се предвидени во вчерашната одлука на Владата за замрзнување на цените. Откако одлуката ќе биде објавена во Службен весник со што всушност ќе стапи и во сила, од тој момент Пазарниот инспекторат ќе поче контроли во аптеките низ целата држава, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Според директорот Стојко Пауновски, Пазарниот инспекторат ќе ја спроведе секоја одлука на Владата и ќе врши засилен надзор.
– Сфатете дека сме пазарна економија и дека само оние цени што ги формира државата се ограничени. Затоа, Владата излезе со дополнителни ограничувања на одредни цени. Сепак, оставаме простор да не изгубат и трговците. Гледаме каква е увозната цена и нормално, затоа ги враќаат цените на одредени проозводи со состојбата на 9 март, откако почна кризната ситуација, истакна Пауновски, одговорајќи на новинарски прашања по денешната средба со дистрибутерите на храна и претставниците на големите супермаркети.
Во врска со непочитувањето на владината одлука за работа на кафетериите, локалите, бурекџилниците, Пауновски информира дека веќе десет објекти се затворени, а предвидени се и казни според Законот за потрошувачи.
-Секој ден е се подобро. Но, некои или се прават дека не слушнале, а некои злоупотребуваат. Затоа е тука Инспекторатот. Сите 130 инспектори, дури и раководителите, се на терен и постапуваат. Ако е кафе за носење, некои седнуваат и во такви ситуаци, нормално, постапуваме. Затоа веќе 10 објекти се затворени. Дел, верувајте, злоупотребуваат. Тоа не можеме да го спречиме, но одиме и онаму каде што ќе затекнеме, постапуваме по одлуката донесена од Владата, потенцира првиот човек на Пазарниот инспекторат, додавајќи дека свеста на граѓаните мора да дојде до израз.