Кога треба да се одлучите помеѓу јога и пилатес погледнете кое од каде потекнува и зошто служи, односно какви цели сака да постигне. Јогата е базирана на источната идеја за движење на енергијата низ телото.
Колку послободно се движи енергијата, толку сте вие поздрави и поенергични.
Физичката тензија е она што го попречува движењето на енергијата и по одредено време вашето тело станува напнато и згрчено, а вие чувствувате болка.
Целта на јогата е да ја одржува еластичноста на Вашето тело преку движења и истегнувања. Но, јогата има и друга димензија. Таа е холистичка спиритуална дисциплина која потекнува од источните форми на медитација.
Физичките држења, иако влијаат на телото, сепак целат кон состојбите на умот.
Тие ја симболизираат целта на живеењето на вашиот живот во состојба на рамнотежа и спокојство. По часот на јога, се чувствувате опуштени и освежени.
Пилатес, од друга страна, исклучително влијае врз телото – и ниту една друга дисциплина не му е слична.
Сé започнало кога креаторот на пилатесот – Јозаф Пилатес, барал брз начин на рехабилитација за повредените војници по Првата Светска Војна.
Тој развил асортиман од справи со системи со пружини, кабли и тркала кои се покажале како ефикасни за истегнување и јакнење, но и единствени поради моќта да ја поттикнат координацијата помеѓу мускулите кои го стабилизираат телото.
Техниките на пилатесот брзо станале популарни кај танчерките кои во оваа дисциплина виделе ефективен начин за подобрување на држењето и движењето на телото.
Пилатесот базиран на вежбање со справи е посличен со бодибилдинг отколку со јога бидејќи вклучува движења наспроти отпорот (со помош на пружини) и цели кон оптеретување на мускулите.
Од прилика исто како да кревате тегови – со или без справа. Од скоро време постои и нова форма на пилатес, која наместо со справи, се практикува единствено на простирка, и која е повеќе базирана на калистеничен стил на вежби и истегнувања.
Оваа форма на изглед е многу слична на јогата, но сепак резултатите повеќе се однесуваат на физичка промена, отколку на спиритуален развој како што е случај кај јогата.
Генерално, јогата повеќе делува на тоа како се чувствувате, а пилатесот на тоа како изгледате – какво е вашето држење и движење.
Па, доколку ви е потребно вежбање кое ќе ве релаксира и опушти, кое ќе ги однесе на повисоко ниво вашето тело и ум – ви препорачуваме јога.
А, доколку сакате подинамичен систем за јакнење и оформување на мускулите или пак сакате да пробате нешто различно и ново – во тој случај пилатес е одличен избор за вас.