Цврстиот и здрав ноќен сон е гаранција за добро расположение во текот на денот и генерално силен имунитет, а неопходен им е на сите. Но како да заспиете ако нешто ве боли?
БОЛКА ВО ВРАТОТ: Доколку цел ден го поминувате седејќи пред компјутер, веројатно навечер ќе почувствувате болка и напнатост во вратот. Во овој случај најдобро е да спиете на грб или настрана. Притоа користете перница со пердуви или специјална тркалезна перница (може да се направи и од крпа) за да ја пополните кривината на вратот и да спречите прекумерен напор.
Ако поради тоа ве болат рамената, перницата можете да ја наместите така што и рамената ќе бидат на неа. Не е препорачливо да спиете на стомак за време на болки во вратот и рамената: таквата поза не ви дозволува да се опуштите и да го одморите „проблематичниот дел“.
ГЛАВОБОЛКА: Доколку страдате од болки во слепоочниците, во пределот на вилицата или забоболка, најдобра положба за спиење е „војничката поза“: легнете строго на грб, со рацете покрај телото. Притоа најдобро е да изберете перница што ја фиксира положбата на главата. Можете едноставно да додадете по една потврда перница од двете страни. На очите е пожелно да се стави непроѕирна маска за спиење. А префрлање на стомакот, вртење од колк на колк или ставање на раката под глава не треба да правите, бидејќи тоа може да предизвика поголема болка.
БОЛКА ВО ЖЕЛУДНИКОТ: Задолжително легнете на левата страна, а нозете свиткајте ги во колената. Меѓу колената ставете перница – ваквата поза им годи на сите, а најдобра е во случај на болки во колковите.
БОЛКИ ВО ГРБОТ: Ако ве боли грбот, особено во пределот на крстот, најдобро е да легнете на грб, да ставите перница под колената, а крпа под крстот свиткана. Тоа ќе ви го опушти грбот.
Ако ви е поудобно да лежите настрана, малку свиткајте ги колената, но не „нагоре“, туку бутовите да останат исправени како кога стоите (бутовите треба да бидат во иста линија како горниот дел од тело). Меѓу колената исто така ставете перница. Потрудете се да не се вртите на стомак.
БОЛКИ ПРИ ПМС: Во случај на типични женски болки во долниот дел на стомакот, најдобро е да лежите на грб. Нозете треба да бидат малку свиткани во колената: под нив ставете тркалезно перниче или, на пример, пластично шише. Обрнете внимание: ‘рбетот не смее да се витка. Оваа поза ги опушта грбот и внатрешните органи, ја нормализира циркулацијата во пределот на карлицата и ги намалува прекумерниот притисок и напор.
Не се препорачува спиење настрана или на стомак за време на ПМС: во првиот случај има поголем притисок врз градите, а во вториот на матката.
КОГА ТЕЧЕ НОСОТ: Понекогаш се случува да не можете да заспиете поради течење на носот. Во тој случај, висока перница го решава проблемот – помага да ја задржите главата на ниво што е повисоко од нивото на вашето тело. Имено, кога лежите на грб, постои ризик слузта да се исцеди во синусите, а тоа може да доведе до воспаление на синусите.