Епидемијата наречена Ковид-19, полека но сигурно пустоши низ Македонија. Голем број семејства се завиваат во црно, а на повидок е и уште едно ново жариште на коронавирусот. Според податоците што секојдневно ги објавува Министерството за здравство, во последните пет дена, општина Ресен се соочува со 25 нови позитивни случаи на Ковид-19 и еден починат. Ресен е град во југозападниот дел на Македонија кој повеќе од три месеци немаше ниту еден заболен случај, а сега се соочува со зголемен број на заболени кој се очекува да расте и понатаму.

Жителите на овој град се загрижени и исплашени, особено поради фактот дека лицата кои се дијагностицирани имале контакт со други 90 граѓани кои сега се наоѓаат во изолација. Фризер, продавач на пазар, угостителски работник и просветни работници се дел од заболените лица со лесно преносливиот Ковид-19. Според информациите во медиумите, ресенчани негодуваат дека заразата потекнува од туристите кои пред еден викенд гостувале во Преспа.

Како резултат на зголемениот број на заболени, во Ресен се затворени и погоните на трите најголеми компании се со цел да се намали изложеноста на граѓаните, но и да се сведе раздвиженоста на минимум. Градоначалникот посочува дека повеќето од заболените се асимптоматски случаи и уверува дека редарските и полициските контроли во градот ќе се засилат. Исто така затворени ќе бидат и угостителските објекти само за да може да се намали ширењето на вирусот и да се спречи Ресен да стане новото жариште на југозападот во Македонија.