Крварењето од носот е појава која често пати знае да се појави за време на настинка, фрактура на носот, зголемен крвен притисок, анемија, преголем физички напор, пореметување на згрутчувањето на крвта итн и тоа најчесто само од едната ноздра. Причината се крие во слузокожата на носот која е богата со капилари, а повеќето крварења се јавуваат во предниот дел од носот.
Крварењето може да биде тешко или лесно, а може да трае од неколку секунди до 10 минути па и повеќе. Крвавењето доаѓа ненадејно, често навечер, во текот на спиењето. Во таа ситуација неопходно е најпрво да се смири човекот чиј нос крвари. Неговата глава мора да биде навалена напред, а со палецот и показалецот да се стисне носот во траење од 2-3 минути. На вратот е потребно да се стави ладна облога.
Изгледот и општата состојба на пациентот зависат од интензитетот на крвавењето. Доколку тоа е потешко, се воочува бледило на кожата, забрзан пулс, а понекогаш доаѓа и до колапс. Ако крвавењето не престанува, болниот мора да се одведе на лекар, каде ќе му биде запрено крварењето, а на пациентот ќе биде извршено дијагностицирање и откривање на причината која довела до оваа појава.