Матичните лекари со усна препорака праќаат пациенти на Токсикологија кои не се итни, реагира Клиниката, а Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛРМ) одговара дека имаат проблем со издавање упати кај специјалисти во секундарниот здравствен систем, бидејќи нема доволно термини и дека специјалистите сами не издаваат упати за контролен преглед, туку дека пациентите ги враќаат кај матичните лекари.
„Реагиравме до Здружението на матични лекари, бидејќи од 100 до 150 пациенти дневно, кои ги третираме на Клиниката, скоро 80 отсто се со усна препорака од матичен лекар, без претходно никаков преглед или друга дијагностичка процедура. При тоа овие пациенти воопшто не се итни. Сите пациенти кои на овој начин се дојдени на Клиника ги документираме како случаи, бидејќи од Клиника од терциерно здравство станавме обична амбуланта. Им велат одете по 14 часот на Токсикологија и таму сè ќе ви завршат. Точно дека сите ги примаме и ниеден пациент не е оставен без да добие здравствена услуга. Разбирам дека и матичните лекари имаат проблем со закажување, но вака веќе не може“, вели д-р Нико Беќароски, директор на Клиниката за токсикологија.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, на веб страницата на здружението со писмо се обраќа до Клиниката за токсикологија, во кое вели дека многу работи во здравствениот систем не се како што треба и дека не може за сè да биде виновен матичниот лекар.
„Матичните доктори бараат од здравствените власти повеќе промени и законски и функционални, во интерес на пациентите и подобро функционирање на нашиот здравствен систем, но до сега слух се нема за ништо. Матичните доктори имаат проблем со режим на пропишување на лекови, имаат проблем со закажување на термини до специјалисти бидејќи 90 отсто од колегите од секундарна дејност не си креираат сами упати за контрола и нема доволно термини за закажување, а на пациентите им се вели, одете кај матичен тој ќе ви закаже“, вели д-р Чолакова-Дервишова.