Велика Британија и Ирска од денеска ќе ги оданочуваат посебно пијалоците со високо количество шеќер. На тој начин треба да се помогне во борбата против дијабетес и прекумерната тежина, пишува Дојче веле.
Кога во устата се пени, а шеќерот тече низ крвотокот, тогаш најверојатно сте посегнале по „Кока Кола“ или сличен сладок пијалок. Милиони луѓе секојдневно на ваков начин внесуваат повеќе шеќер во себе отколку што за тоа се свесни. Во една чаша од најголемиот број освежителни пијалоци се кријат повеќе од 4 коцки шеќер. Темната страна на безмерното конзумирање „Кола и компанија“ се прекумерна тежина, дијабетес,заболувања на срцето.
Затоа, во Велика Британија и Ирска од денеска слатките пијалоци ќе бида оданочувани повеќе. Државата ќе касира околу 20 центи на 100 милилитри доколку во игра се повеќе од 5 грама шеќер. Доколку количеството на шеќер е уште поголемо, ќе се наплаќа повисок данок. Во повеќето земји, меѓу нив и Мексико и Франција, давачките кон државата го намалија конзумирањето шеќерни лимонади.
Шеќерот е новата цигара
Организацијата Фудвоч побара од германската влада да воведе слично правило. Министерката за земјоделство Јулија Клекнер меѓутоа отфрла такво нешто. Тоа нема да обезбеди „да ја ставиме под контрола темата – погрешна исхрана“, смета политичарката на ЦДУ.
„Пијалоците со шеќер се новите цигари“, предупредува наспроти тоа Мартин Рикер од Фудвоч Германија. На прес-конференција на Фудвоч на оваа тема, беше презентитран „Кока Кола Извештај“, но поканетиот претставник на Кока Кола не беше присутен. Фудвоч го обвинува концернот дека со „неодговорен“ маркетинг целно им се обраќа на децата и младите.
Кој верува во Дедо Мраз?
Во извештајот на 108 страници Фудвоч покажува дека концернот заедно со Јутјуб и Инстаграм-ѕвездите прави реклами кои би требало да стигнат пред сѐ до младите луѓе. Кока Кола тврди дека нејзините рекламни кампањи не се насочени кон деца помлади од 12 години. Фудвоч, пак, смета дека Дедо Мразот на Кока Кола или фудбалерите како испраќачи на рекламните пораки допираат до кај помладите деца. „Фудбалските ѕвезди како Мануел Нојер се идоли на момчињата во земјава“, нагласува Оливер Хуизинга од Фудвоч. „Оној кој тврди дека не упатува рекламни пораки кон деца, тој ја залажува јавноста.“
Патрик Камерер, член на раководството на Кока Кола Германија не ја прифати поканата на Фудвоч, но испрати соопштение, во кое се вели: „Прекумерната тежина е комплексен феномен. Едноставните одговори се привлечни, но не го решаваат проблемот.“
И покрај долгогодишната дискусија на оваа тема, во Германија не е на повидок слична давачка како во Велика Британија. Фудвоч ја обвинува германската влада дека премногу им удоволува на интерресите на „шеќерното лоби“. „Заштитата на здравјето на потрошувачите и индустријата за храна се под капата на едно министерство“, вели Хуизинга. Тие, меѓутоа, имаат спротивставени интереси.
Освежителните пијалоци во трансформација
Во Велика Британија производителите како Кока Кола имаат време од две години да се подготват за новата задача. Предупредувањата дека со новата давачка кон државата би можела да се зголеми цената на производите, досега не се обистинија. Многу фирми, наместо тоа, нудат пијалоци со намалено количество шеќер. Пијалокот „Ирн Бру“ од Шкотска, кој содржи кофеин, се префрли во голем дел на засладувачот Аспартам. Пред правилото воопшто да стапи во сила, реагираше и Кока Кола: концернот за Велика Британија веќе произведува Спрајт и Фанта со намалено количество шеќер.