Во врска со Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија при спроведената последна ревизија во Болницата во Битола има констатирано дека во Болницата има акцелератор кој не е во функција. Дополнително, во текот на 2021 и 2022 година спроведени се 15 постапки за набавка на лабораториски потрошен материјал во износ од 76.709.000 денари, наоди од Ревозорскиот извештај и ставот на Централната комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ:
Во просториите на Болницата во посебен објект (бункер) сместен е линеарен акцелератор кој до денот на ревизијата не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција. Според сознанијата на Ревизија, Министерството за здравство има спроведено повеќе постапки поврзани со овој акцелератор. Имено во текот на 2012 година, 2013 година и 2017 година.
Ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за ставање на апаратот во употреба.
Не смее да има фиктивни постапки за набавки. Клиничката болница обезбедува директна корист за економските оператори и за веледрогериите преку фиктивни постапка за јавна набавка на лабораториски потрошен материјал, кои се однесуваат за однапред познат производител кој е како единствен учесник во постапката и склучува договор по цена што нему му одговара.
Сметаме дека ваквата фиктивна постапка е девијантана појава која е од лукративна природа, односно разработена формула за изигрување на членот 5 од Законот за јавните набавки, спротивно на начелото за конкуренција и спротивно на начелата на еконоичност, ефикасност и ефективност при користење на јавните средства.
Како резултат на горенаведените аномалии во работењето на Клиничката болница, постои разлика во цената на истите услуги, односно за анализи од ист вид, а во зависност од цената на лабораторискиот потрошен материјал за различен апарат, која надминува од 50 до 100% во однос на првично договорената.
Постапувањето на Болницата не е во согласност со член 4 од Законот за јавните набавка, односно самото „непостапување“ е спротивно на начелото на економичност, ефикасност и ефективност при користење на јавните средства.