Во текот на денешниот ден, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, на својата официјална фејсбук страна објави пост во кој го споредуваат чекањето на вакцините во Македонија со драмата Чекајќи го Годо. Во нашиот случај, Годо е пристигнувањето на вакцината, но, како и во претставата, тоа е повеќе илузија. Земјите околу нас веќе ќе започнат со ревакцинација, а ние уште ќе го чекаме Годо, посочуваат од Комисијата.
Во продолжение ви го пренесуваме нивниот пост во целост:
– Чекајќи го Годо од Семјуел Бекет е антидрама, театар на апсурдот, која претставува празнина, чекање како празно дејство. Слично или исто како дејствието Македонија или како чекајќи ги вакцините, чекајќи го Филипче. Во делото на Бекет има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо, или се празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде. Целосниот ефект врз публиката која ја гледа претставата (читај пациентот) е многу близок со она што го чувствува секој човек, гледајќи го движењето на КОВИД-19 и одговорите на надлежните, ако ги има. Во нашиот случај, Годо е пристигнувањето на вакцината, но, како и во претставата, тоа е повеќе илузија.
Додека секојдневно сме сведоци на борбата на светот, Европа, како и на нашите соседи со корона пандемијата, паралелно сме и сведоци на неодговорното и недомаќинско (не)работење на оние кои се „избрани од народот“, додаваат во продолжение.
– За министерот за здравство, Венко Филипче и премиерот Зоран Заев поважно е да се спроведе физибилити студија за јавно-приватно партнерство, да се поскапи по било која цена јавното здравство, да се договори тендер, да се дефокусира јавноста од дебаклот од корона кризата отколку да обезбедат вакцини. Министерот Филипче дури се дрзна да кажува дека сме биле најподготвена земја во Европа за почеток на вакцинацијата, дека сме обезбедиле фрижидери за чување на вакцините – но, каде се вакцините? Земјите околу нас веќе ќе започнат со ревакцинација, а ние уште ќе го чекаме Годо.
– Февруари е, а ние имаме нула вакцини и изобилство од лаги и празни ветувања од Филипче, Заев и на нив сличните. За тоа истите ќе одговараат пред народот. Уште малку, велат од Комисијата.