Денеска Централната Комисија за труд, социјална политика, демографија и родови прашања на ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина во Скопје на тема „Младите во Македонија – се уште сум тука, а зошто би заминал ?“ во Центарот „Јавна соба“.
На трибината се дискутираше за актуелни прашања во однос на иселувањето кои што ги засегнуваат младите и причините зошто младите си заминуваат од Македонија. Лошата економска ситуација, економски и социјалната општествена состојба во држава изразена преку владеењето на криминалот и корупцијата се основниот фактор кој младите ги тера да бараат просперитет надвор од Македонија.
На трибината беше истакнато дека досега од Македонија си имаат заминато околу 650 илјади граѓани во изминативе децении, а тој тренд е особено зголемен последниве години. Во таа бројка најголем е процентот на младите. Претседателот на Комисијата за труд, социјална политика, демографија и родови прашања, на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Лазар Јовевски истакна дека во најголем дел младите луѓе се на маргините на пазарот на трудот, односно се невработени. Повеќе од 40% од вкупната бројка на невработени луѓе се млади.
Соговорниците проф. д-р Лазар Јовевски, адв. м-р Славчо Батковски и потпретседател на синдикатот на АКН, Марко Стефановски, разговараа за факторите и конкретните причини за заминување на младите, со цел да се спречи поразителниот тренд и да се испитаат можностите за враќање на младите луѓе назад во Македонија, како и можните реални проекти за младите да станат реален фактор и двигател на сите општествени процеси коишто следуваат во државата.
Идејата зад концептот на трибината за иселувањето на младите е да се поттикне поширока дебата за ова загрижувачко и актуелно значајно прашање за масовното иселување на младите луѓе од Македонија, како и начини на дејствување за спречување на истото.