По одржаниот пладневен состанок, Комисијата за заразни болести одлучи дека во текот на наредната недела ќе започнат со работа пет нови Ковид амбуланти на територијата на главниот град.

Портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ, на одржаната прес-конференција, посочи дека се анализирала епидемиолошката состојба во државава и е константирано зголемување на бројот на новозаразени со Ковид-19. Состојбата во болниците е стабилна и нема зголемување на бројот на хоспитализации. Мехмедовиќ информираше дека епидемиолошката состојба во Македонија засега е стабилна и нема потреба од дополнителни превентивни мерки.

– Епидемиолошката состојба, согласно сите параметри кои ги имаме, а најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, се уште не става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментот на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти кои се на кислородна поддршка и сметаме дека системот се уште има голем простор за тој дел да се пополни и да се дадат услуги во делот на хоспитална грижа на пациентите. Најважно е да се фокусираме, како што кажав, на примарниот здравствен систем и тоа сега го правиме преку отворање на КОВИД амбулантите, рече Мехмедовиќ.

Градот Скопје, како што рече портпаролот, во моментот е најзасегнат со новозаразени пациенти и поради тоа е одлучено новите пет ковид амбуланти да се наоѓаат на територијата на главниот град. Поточно, во просториите на Здравствен дом – Скопје и ќе бидат во петте поголеми поликлиники во Скопје – во „Идадија“, „Горче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во Чаир.

– Со постоењето на КОВИД амбуланти вака дисперзирани, ќе биде покриена целата територија на градот и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за КОВИД -19, што сметаме дека ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за КОВИД дијагностика и третман за граѓаните на градот Скопје подостапни, рече Мехмедовиќ.

Тој додаде дека најголемиот дел од оптовареноста на системот се наоѓа на примарно ниво, односно е на грбот на матичните лекари и Комисијата работи во насока на тоа да го зајакне примарниот дел од здравствениот систем. Затоа, како што посочи Мехмедовиќ, работат на обезбедување на нова опрема, персонал и кадар за останатите градови.

Според портпаролот на Комисијата, трансмисијата на вирусот е висока, но во исто време не предизвикува многу често тешка клиничка форма на болеста и не ги преполнува болниците. Тој потенцираше дека очекуваат да има висок број на позитивни случаи, но не очекуваат да има луѓе кои со сериозна симптоматологија ќе завршат во болници. Но, рече, системот е подготвен и во случај да има зголемување на бројот на вакви случаи.