Косовската одлука се уште е закана за македонскиот аграр. Доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето уште се наоѓаат на листата со зголемени царини воведени од Косово. Земјоделците трпат огромни штети, а министерството се уште чека косовската влада да ја повлече не делумно, туку целосно царината за одредени производи.
Од Белград министрите од регионот по состанокот ја повикаа Косовската страна да ја повлече одлуката, а ако тоа не се случи тогаш секоја земја, само ќе носи одлуки за реципрочни мерки.
Министрите дадоа согласност да се формира оперативно тело кое ќе има задача да работи на решавање и укинување на сите трговски бариери, се до стапување на сила на ЦЕФТА Договорот, кој предвидува механизми за решавање спорови.
Министрите едногласно се согласија дека е важно цефта договорот целосно да функционира, земјите од регионот едни на други се најголем трговски партнер.
Само вчера ниту еден камион со земјоделски производи не ја преминал границата. Штетата која би можеле да ја претрпат македонските компании изнесува приближно 1,3 милиони евра.
Повисоките царини за 30% за извоз удрија врз пласманот на речиси сите производи. Македонија која има значителен суфицит во размената со Косово, е еден од најзначајните трговски партнери на земјава. Земјоделците на кои и онака им е уништена оваа сезона, царинската бариера дополнително ги дотолчи.