Милионски штети за македонските земјоделски производи. Косовската одлука и натаму претставува закана за македонскиот аграр. Доматите, пиперките, сливите, се уште се наоѓаат на листата со зголемени царини воведени од Косово.

Министерот за економија Крешник Бектеши во моментов разговара со косовскиот колега Бајрам Хасани за повлекување на царините за земјоделските производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада. Бектеши од Хасани ќе бара целосно укинување на царината.

И додека министрите се договараат за решавање на проблемот, земјоделците трпат огромни штети, и бројат загуби.

  • Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на договорот ЦЕФТА и принципите на слободна трговија, вели Бектеши.

Владата се уште дава можност за преговорите да успеат и не воведува контрамерки за косовските производи.

Инаку, министрите од регионот во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи.

Тие веќе дадоа согласност да се формира оперативно тело кое ќе има задача да работи на решавање и укинување на сите трговски бариери, се до стапување на сила на ЦЕФТА Договорот, кој предвидува механизми за решавање спорови.

Штетата која би можеле да ја претрпат македонските компании изнесува приближно 1,3 милиони евра.

Повисоките царини за 30% за извоз удрија врз пласманот на речиси сите производи. Македонија која има значителен суфицит во размената со Косово, е еден од најзначајните трговски партнери на земјава. Земјоделците на кои и онака им е уништена оваа сезона, царинската бариера дополнително ги дотолчи.