По денешната седница на Владата, косовскиот премиер Албин Курти на прес конференција изјави дека состојбата во косовското здравство е толку тешка што со неа не може да се справи само ресорното Министерство. На одржаната седница било одлучено да се формира извршна комисија за здравството, која што ќе ја раководи тој самиот.
– Јас нема да бидам министер за здравство, министер е Рифат Љатифи, меѓутоа состојбата во здравството е толку тешка што со неа не може да се справи само Министерството, изјави Курти, додавајќи дека тој раководи и со други слични комитети.
Курти информира дека се идентификувани главните проблеми во здравството, при што ја издвои „лошата комуникација“ на Министерството за здравство со Болничката клиничка и универзитетска служба на Косово и со петте комори на здравствените работници.