Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти дека е потврден првиот случај на новата подваријанта на сојот Омикрон познат како БА.2.75.2 во земјата. Станува збор за таканаречената „Кентаур“ подваријанта која била детектирана кај еден од 664 анализирани примероци по случаен избор, во периодот од 22 јули до 4 септември. Кај сите останати била потврдена варијантата Омикрон Б.1.1.529.

Во однос на ситуацијата со пандемијата во Грција, во периодот од 5 до 11 септември биле потврдени 33.590 случаи на Ковид-19, од кои 22 проценти се реинфекции, а починале 129 лица. Бројот на смртните случаи се намалил за 30 проценти во споредба со една седмица претходно, а кај заразените имало намалување за 17 отсто. Во конкретниот период биле направени 580.195 тестови, со стапка на позитивност 5,79 отсто.

Од почетокот на пандемијата во Грција потврдени се 4.838.811 случаи на Ковид-19, а 32.894 лица починаа.

Паралелно, од денеска во земјата започна имунизацијата со ажурираните вакцини против Ковид-19 кои заштитуваат од варијантата Омикрон, а вакцините ќе се користат само како прва или втора бустер доза, односно само за оние кои се веќе вакцинирани со две или три дози. Приоритет имаат граѓаните над 60 годишна возраст и лицата со здравствени проблеми, а ажурираните вакцини се мРНА вакцини на Фајзер и Модерна.