Мајката на претепаното 14- месечно бебе ќе одговара за запуштање и малтретирање. После речиси еден месец истрага полицијата поднесе кривична пријава до јавното обвинителство против 20 годишната мајка. Бебето со скршеници на черепот и нозете и повреди на мозокот, дехидрирано и неухрането беше примено на КАРИЛ. А докторите констатираа дека има и повреди од постаро потекло кои не биле медицински третирани. Во минатата недела пак бебето преживеа и операција на мозокот, откако докторите констатираа дека не можат да го сопрат крвавењето со терапија.
„К.М. во периодот од 15-ти јуни до 6-ти јули кога престојувала на различни локации не се грижела за детето, односно го оставала без надзор и грижа и во тоа време тоа добило тешки телесни повреди. Извршен е разговор со К.М. И други девет лица, приберени се докази од местата каде што престојувала К.М. и детето. Исто така прибавени се и други докази и целокупниот материјал е доставен до Основното јавно обвинителство за натамошно постапување“, вели Тони Ангеловски – портпарол на МВР
Доктор Марјан Камиловски од Детска хирургија вели дека бебето е стабилно и опоравувањето оди на подобро. Полека почнува да реагира и да ја распознава околината. Деновиве пак ќе му прават компјутер на главата, а дури после еден месец ќе се знае какви последици ќе има од бруталното тепање. Докторите и првично се сомневаа дека бидејќи се оштетени витални функции тоа може да има проблеми со движење, говор и вид.
Од Обвинителството пак велат дека утре ќе информираат како ќе постапат по пријавата од полицијата.
Мајката е згрижена во шелтер центар. Државата и го одзеде старателството. За бебето сега се грижат социјални работници. Полицијата уште на почетокот се посомнева во мајката, ја задржа во полициска станица, па ја пушти. Истрагата ја отежнуваа нејзините контрадикторни изјави. Прво тврдеше дека бебето паднало од креветче, па дека ја истепале родини на сопругот кој е во затвор, за потоа да каже дека насилникот е мажот со кој таа живеела.