Ако вечерта не сте спиеле добро, голема е веројатноста да ви се расипе целиот ден. Па штом квалитетот на спиењето може да влијае на вашиот ден, колку всушност е важно за вашето здравје?

Научниците утврдиле дека не парите, туку спиењето го контролира квалитетот на вашиот живот. Едно истражување спроведено од научници во Оксфорд замолило 8.250 жители на Велика Британија да пополнат анкета која се фокусирала на 8-те столбови на здравјето. Од 8-те столбови, во кои биле вклучени сексуален живот, работна сигурност и љубовна врска, спиењето имало најголемо влијание за тоа дали животот на испитаникот бил добар.

Со помалку од 6 часа сон се зголемува ризикот од болести
Во едно истражување од 2010 година се оценувал квалитетот и должината на сонот на 525 средовечни испитаници. Резултатите покажале дека недостатокот од спиење го зголемува производството на воспалителни хормони и ја намалува функционалноста на крвните садови. Воспаленијата можат да водат до многу други здравствени проблеми како дијабетес, проблеми со срцето и мозочен удар.

Потребни се 6 до 8 часа сон

Рејмонд Џин, доктор од Њујорк изјавил:

“Спиењето сигурно го намалува нивото на стрес, а со тоа луѓето имаат поголема контрола над нивниот крвен притисок. Исто така се верува дека спиењето има влијание на нивото на холестерол, кој пак има голема улога во здравјето на срцето”.

Доволното количество сон ги регулира хемикалиите во мозокот за „добро чувство“ како што се допамин и серотонин. Тие ви помагаат да се чувствувате наполнето, свежо, па дури и со повеќе самодоверба. Колку подобро се чувствувате толку е помала веројатноста дека стресните ситуации ќе имаат влијание на вас.

Но, постои и премногу спиење

Сигурно и вие сте уживале во вашите тинејџерски денови кога сте спиеле со часови и целиот ден сте го поминувале со пиџами. Но, толку многу спиење не е добро за вашето здравје. Експертот за спиење, Келси Даун, изјавила:

“Ако спиете премногу тоа може да биде знак дека не се одморате доволно поради некој здравствен проблем, како на пример гушење во сон или пак депресија. Премногу спиење може да предизвика анксиозност, летаргија и намалена когнитивна функција”.

Премногу или премалку од што било никогаш не е добро за вашето здравје. Препорачаните 6 до 8 часа се она кон кое што треба да целите. Па, погледнете го вашиот распоред и направете место за спиење. Не мора секоја вечер да спиете исто. Нормално е понекогаш да се превртувате до доцна, а наредната вечер да спиете одлично. Можеби новата епизода која сакавте да ја изгледате вечерва сепак не е толку важна.