Од Министерството за здравство посочуваат дека се започнати преговори со производителот на лекот „Молнупиравир“ кој ќе се користи како терапија за Ковид-19. Лекот е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, посочија од Министерството.
Во врска со тоа дали се планира воведување нови мерки, бидејќи е во пораст бројот на активни ковид случаи, од Министерството истакнаа дека Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје ја следат епидемиолошката состојба во државата и на основа на тоа носат препораки со цел спречување на ширење на Ковид-19.
– Според податоците од анализите што ги прават епидемиолозите од ИЈЗ, во изминатава седмица не е забележано рапидно зголемување на позитивни од тестирани на Ковид-19. Од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7 отсто во однос на претходната седмица. Најголем дел од новозаразените се од Скопје. Нема притисок и во болниците. На територијата на цела држава во ковид – центрите хоспитализирани се вкупно 423 пациенти со Ковид-19. Засега нема нови предлози и препораки од Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид-19, информираат од Министерството.