Не е тајна дека македонските пациенти ширум државните медицински установи често сами си купуваат лекови иако за тоа е задолжено Министерството за здравство на Република Македонија.

До нашата редакција стигнаа фотографии од пациент кои за време на викендот (08.12.2018) по убод од шајка се обратил на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби каде јасно според документот пишува дека треба да прими тетанус кој во моментот во клиниката го нема.

-На клиниката ми рекоа дека веќе со недели нема тетанус и сам да се снаоѓам како знам и умеам, но и по аптеките дека го нема. На државен празник, со молење ми дадоа во една приватна аптека тетанус иако правеа попис и тоа не беше дозволено, вели загрозениот пациент.

По примањето на тетанусот на пациентот му е напишано дека самостојно се снабдил со потребните ампули за претходно индицираната антитетанична профилакса.

По ова КУРИР побара одговор од Министерството за здравство кое ни одговори дека Антитетаничната терапија ја има секаде во здравствените центри во Македонија, што е сосема нелогична со сведоштвото и документите на нашиот извор.

-Антитетанична терапија има секаде во здравствените центри во Македонија. И покрај доставата на одредена количина  од оваа терапија од резервите на Минстетсвото за здравство, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, набавува дополнителни количини кои ќе бидат достапни за пациентите за десетина дена, согласно сите законски регулативи. Во меѓувреме за сите пациенти на кои  ќе им биде неопходна оваа терапија, ќе бидат згрижени во другите здравствени установи, велат од министерството.

Но, сепак оваа изјава е сосема неточна поради фактот што на 8 декември 2018 година пациентот сам се снабдил со антитетанична терапија.

Инаку пред еден месец министерот Венко Филипче во изјава за медиумите потенцираше дека тетанус ќе пристигнел за неколку денови, но и по месец дена сликата на терен е непроменета.

Претходно КУРИР во неделата објави дека во Скопје се уште нема вакцина за тетанус, што е уште еден доказ дека станува збор за манипулација од Министерството за здравство.