Повисоките температури во северната хемисфера веројатно нема значително да го намалат ширењето на коронавирусот, се вели во истражувањето на Универзитетот Принстон.
Неколку истражувања спроведени во изминатите месеци покажаа дека има мала корелација помеѓу климата и новиот коронавирус, односно колку е потопло и повлажно, толку е помало ширењето на вирусот. Сепак, овие резултати се прелиминарни и засега малку се знае за точниот однос помеѓу климата и КОВИД-19.
Студијата на Принстон не ја отфрла целосно оваа корелација, туку заклучува дека влијанието на климата врз ширењето на коронавирусот е умерено.
„Нашето истражување сугерира дека големо ширење е можно и во повлажни средини и дека летното време нема значително да го ограничи коронавирусот. Ние предвидуваме дека потоплите и повлажни клими нема да го успорат вирусот во раната фаза од пандемијата“, вели Рејчел Бејкер, истражувач од Институтот за животна средина на Принстон.
Таа додава дека најдобар пример за ова е ширењето на вирусот во држави како Бразил, Еквадор и Австралија.
„Се чини дека климата засега не го регулира ширењето“, вели Бејкер