Сколиоза, кифоза и рамни стопала се најчестите деформите кај децата на возраст од шест до девет години, покажаа систематските прегледи на штипскиот фудбалски клуб „Галос“, а направени од кинезотерапевти. Мијалче Прошев тренер во ФК „Галос“ од Штип вели дека прегледите се направени на 75 деца, а речиси половина од нив имаат деформитети на р’бетниот столб.
– Беа прегледани 75 деца, од кои 30 до 35 отсто имаат сколиоза, овие деформитети се воочени кај децата од шест до девет години, од причина што самата мускулатура не е развиена добро. Но, овде ќе кажеме дека причина е и стилот на животот, доста долги часови на училиште, намалена физичка активност, тешки ранци за училиште, седење пред компјутер, телефон, лаптот. Тоа се се проблеми што треба да ги решиме, родителите и тренерите, вели Прошев.
Анализата од прегледите, што е направена кај младите и талентирани фудбалери, се потврдува и преку статистиката на Институтот за јавно здравје. Во Извештајот за остварување на програмата за системски прегледи на ученици и студенти во Република Македонија за 2016 и 2017 година стои дека во учебната 2016/2017 година, согласно Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите во Република Македонија за 2017 година се прегледани 102.755.
Според прегледите деформитетите, лошото држење на телото и лошата хранетост на телото, се најзастапени патолошки состојби утврдени кај учениците од основното образование. Деформитети на ’рбетен столб и граден кош е евидентирано кај 11.013 ученици или 18,1 отсто од вкупно прегледаните; следи лошото држење на телото евидентирано кај 10.888 ученици или 17,9 отсто од прегледаните; следат деформитетите на стопалото, кои се застапени кај 9.809 ученици или 16,2 отсто од прегледаните. Деформитетите на ’рбетниот столб и градниот кош најмногу се застапени кај учениците од V-то и VII-мо одделение, додека деформитетите на стопалото во најголем број се регистрирани во III-то и во V-то одделение. Лоша развиеност на телото е забележана кај 2.388 ученици или 3,9 отсто од прегледаните. Во споредба со претходната година забележана е помала застапеност – 5,4 отсто во 2016 година, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Студентите и средношколците страдаат од дебелина и деформитети на р’бетниот столб
Според систематските прегледи на Институтот за јавно здравје кај средношколците и овде убедливо водат деформитетите рбетниот столб и на градниот кош, кои се утврдени кај 4.912 или 21,6 отсто од прегледаните (идентичен процент во споредба со претходната година); потоа следи лошата ухранетост на телото кај 4.420 ученици или 19,4 отсто од вкупно прегледаните (за 19,4 отсто помалку од претходната година), потоа следи лошото држење на телото кај 4.365 ученици или 19,2 отсто од вкупно прегледаните (за 28 отсто повеќе од претходната година). На четвртото место е лошата развиеност на телото застапена кај 1.328 ученици или 5,8 отсто (за 60,7 отсто помалку во споредба со претходната година). Деформитетите на стопалото била констатирани кај 1.706 ученици (7,5 отсто), додека во претходната година биле регистрирани кај 3.378 од прегледаните и 13,3 отсто застапеност-скоро двојно повеќе во 2016 во однос на 2017 година.
Студентите пак најмногу страдаат од дебелина, за што е виновна брзата храна, но и физичката неактивност, а според извештајот на Институтот за јавно здравје од прегледаните студенти утврдена е хранетост на телото кај 2.849 ученици или 23,2 отсто од прегледаните; потоа следат деформитетите на рбетниот столб и градниот кош, кои се регистрирани кај 2.549 студенти или 20,8 отсто од прегледаните; лошото држење на телото е застапено кај 2.235 студенти или 18,2 отсто од прегледаните; деформитетите на стопалото се регистрирани кај 1.107 студенти, а лошата развиеност на телото кај 808 студенти или 6,6 отсто.
Спортот и корективната гимнастика решение за деформитетите кај децата
Универзитетските професори и спортските работници решенијата за деформитетите на р’бетниот столб и за зголемената телесна тежина кај основците, средношколците и студените ја гледаат во спортот и корективната гимнастика. Сметаат дека родителите се први кои треба да реагираат, но и училиштата се местата, каде што треба да се поттикнат учениците на физичка активност. Универзитетскиот професор по спортска педагогија и менаџмент на универзитетот во Лиеж во Белгија, Марк Клос, кој деновиве е меѓу студентите и наставниот кадар на Факултетот за обарзовни науки при универзитетот „Гоце Делчев“-Штип вели дека улогата на учителот е најважна.
– Многу е важно учителите да ја сфатат важноста на физичката активност. Сега општеството е премногу насочено кон седење и неактивност. Мора да се смени целото општество. Но, училиштето е центар и почеток каде треба да се направи нешто.
Професорот по физичко образование и воспитание, а воедно и спортски работник, Методи Петров, кој веќе 25 години работи со децата од предшколска возраст во една од штипските детски градинки забележува дека спортот во училиштата согласно законот е застапен, од аспект на реализација недостасува.
– Го тврдам тоа, бидејќи сум член на работна група за деца од прво до петто одделение. Конретни активности од страна на училиштата досега нема, освен едно државно првенство лани во јуни месец, вели Петров.