Македонските ученици се понеобразовани за математика, наука и читање.
Земјава се најде на дното на табелата на глобалниот ПИСА тест за проверка на знаењата и вештините на средношколците за 2018 ширум светот кој денеска го објави Организацијата за економска соработка и развој.
Иако македонските средношколци имаат минимален напредок на меѓународниот тест во споредба со 2015 година, сепак резултатите се лоши. Нашите ученици се најдоа на 67-то место во рангот од 79 земји. Послаби во регионот се само учениците од Косово, додека најдобри резултати покажале 15-годишниците од Словенија.
Професорот и поранешен заменик министер за образование Петар Атанасов вината за слабите резултати ја лоцира во три стратешки грешки во образовниот систем – погрешните реформи, лошите кадровски решенија и партизираноста во образованието.
Министерот Адеми, пак, задоволен од резултатите. На прес-конференција се пофали дека ова биле досега најдобри резултати на македонските ученици.
Највисоко рангирани според резултатите од меѓународниот ПИСА тест повторно се азиските земји. Прва на листата е Кина, па Сингапур и Макао.