36-годишен Австриец од Штаерска е првиот пациент кој е излечен од коронавирус со крвна плазма во Австрија.
Според пишувањата на дневникот „Клајне Цајтунг“, тој еден месец бил на одделение за интензивна нега, борејќи се за живот.
По примената на терапијата со крвна плазма, бил префрлен од одделението и веќе три пати резултатите од тестот за корона покажуваат дека е негативен. Пациентот тешко заболел од коронавирусот бидејќи има вроден проблем со имунитетот, односно не може да произведува специфични антитела.
Четири недели имал висока телесна температура, а покрај тоа имал и воспаление на белите дробови и проблеми со дишењето. На универзитетската клиника во Грац му била дадена крвна плазма од излечени пациенти од коронавирус, што дало одлични резултати.
Крвната плазма се користи на клиниките во покраините Тирол и Салцбург, а пациентот од Грац е прв во Австрија кој е излечен со овој вид терапија.