Сакаме да изградиме систем во кој пациентот ќе биде во центар и сакаме да ја подобриме комуникацијата со пациентите, да го слушнеме нивниот глас
„Доста е за насилството врз медицинскиот персонал“ – со ова мото „белите мантили“ денеска излегоа пред болниците за да протестираат по неколкуте напади врз нивни колеги.
Побараа заштита на работните места, но и подобрување на условите за работа за во иднина да се избегнат слични испади на револтирани граѓани.
Не е дозволиво какво било насилство врз медицинскиот персонал. Не смее незадоволството од системот да резултира со насилство врз медицинарите. Велиме доста е. Времето на неделување за овој системски проблем помина – време е да се преземат решенија и да бидеме заштитени. Време е за подобрување на здравствениот систем, време е за подобри услови за работа“, рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари
Неговиот колега од истата асоцијација, Божидар Кочовски истакна дека е потребен нов систем во здравството.
„Бараме здравствен систем базиран околу пациентот. Сакаме да изградиме систем во кој пациентот ќе биде во центар и сакаме да ја подобриме комуникацијата со пациентите, да го слушнеме нивниот глас“, рече Кочовски.
Медицинскиот персонал порача дека ова е последен предупредувачки протест – се заканија со прекин на работата ако не се исполнат барањата.
Здравствените власти ги осудија нападите – уверуваат дека во иднина нема да дозволат слични инциденти.
„Една силна порака дека со насилство не се решаваат работите, со кревање рака врз медицински работници кои деноноќно се борат за животите на блиските на тие што ги направија овие проблеми и инциденти во последниот период“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Меѓу првите превентивни мерки најавени се полициски патроли во здравствените објекти кои овозможуваат 24-часовна услуга. За понатаму предвидено е организирање на професионално обезбедување на болниците.