Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ денеска потпиша Меморандум за соработка со Фармацевтскиот факултет и со Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Меморандумот опфаќа соработка во програмата за практикантство преку која од 01 јуни, 10-15 студенти од трета и од четврта година, ќе бидат вклучени на практикантски обуки во „Алкалоид“. Обуките ќе траат по 3 месеци.

– Овој Меморандум за соработка ќе им отвори шанса на студентите многу порано да влезат во работењето на „Алкалоид“ уште во фазата на студирање. Целта е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку имплементирање на најновите достигнувања во развојни процеси, научно-истражувачката работа очекуваме да се крене на повисоко ниво – рече генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов денеска при потпишувањето на Меморандумот.

Проректорката за финансии на УКИМ, проф. д-р Билјана Делова, нагласи дека „Алкалоид“ со оваа програма за обука на практиканти овозможува солидна поддршка за младите луѓе.

 – Ова е добар пример како може да се соработува меѓу компаниите и Универзитетот. Со оваа соработка студентите ќе можат подобро да се вклопат на пазарот на труд – додаде таа.

Со овој проект „Алкалоид“ не само што разработува програми за развој на практикантите, туку структурно ги усогласува со образовните институции.

– Големиот интерес кој беше предизвикан кај студентите кога ги информиравме за оваа можност што ја нуди нашиот верен партнер „Алкалоид“ е доказ за квалитетот на оваа програма – рече деканката на Фармацевтскиот факултет проф. д-р Светлана Кулеванова.

Според деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски, нема поубав начин да се задржат студентите да работат во Македонија.

На студентите кои ќе бидат избрани за програмата за практикантство, ќе им биде доделен обучен ментор, а матичниот факултет ќе им зададе практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од три месеци.

По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од стручните ментори од компанијата и од претставници на образовната институција.