Популарната социјална мрежа „Фејсбук“ наскоро целосно ќе го редизајнира „Месинџер“ за да им овозможи на корисниците многу поедноставно користење на апликацијата за допишување, која со години наназад е полна со непотребни игри и функции.
– Кога ќе испратите порака, навистина сакате брзо и едноставно искуство. За да се фокусираме на овие идеи, сакаме да направиме ремонт на дизајнот на „Месинџер“ – истакна директорот и основач на „Фејсбук“, Марк Закерберг.
Освежената апликација би требало наскоро да биде достапна. Тим од експерти на „Фејсбук“ работи на тоа уште од почетокот на годината. Новиот „Месинџер“ наводно ќе има црна заднина. Долниот дел на апликацијата се поедноставува на три главни табови, кои се фокусирани на комуникацијата.
Иконите за камерата и видеоразговорите ќе останат достапни во горниот дел од апликацијата. Многу функции ќе останат исти на „Месинџер“, но неговото користење во голема мера ќе биде олеснето.