Миењето на овошјето и зеленчукот не ги отстранува пестицидите, а околу 20 отсто од овие намирници содржат нивоа на пестициди кои претставуваат значителен ризик по здравјето, според најновата студија објавена во списанието „Нано Летерс“ (Nano Letters) на Американското хемиско друштво.
Ова е нов доказ дека миењето на овошјето пред јадење не ги отстранува различните токсични хемикалии кои вообичаено се користат во земјоделството, пренесува „Гардијан“.
Организацијата „Consumer Reports“ во мај објави дека е утврдено дека 20 отсто од тестираното овошје и зеленчук содржат остатоци од пестициди на нивоа кои претставуваат значителен ризик за здравјето на потрошувачите.
Се вели дека контаминацијата со пестициди била намалена кога кожата на јаболкото била отстранета заедно со слојот на пулпата. Здравствените ризици предизвикани од пестицидите се документирани во неколку студии, но повеќето од нив се занимаваат со професионална изложеност, а не со диета.
Американското Министерство за земјоделство (USDA) и Администрацијата за храна и лекови (FDA) тврдат дека остатоците од пестициди во храната генерално не претставуваат ризик по здравјето доколку се во законски граници. Двете агенции со децении го следат нивото на остатоци од пестициди во храната, објавувајќи годишни извештаи за ова прашање.
Последниот извештај на USDA за пестициди наведува дека 99 отсто од тестираната храна имала остатоци во законски граници, поради што тие не претставуваат ризик по здравјето на потрошувачите.
Ова се разликува од наодите на „Consumer Reports“, кој смета дека границите за нивото на пестициди што ги користи владата се превисоки. Повеќе од 72 отсто од повеќе од 10.000 примероци на храна имале забележливи остатоци од пестициди, соопшти USDA.