Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Министерството за здравство објавило скандалозен тендер за набавка на мамографи. Како што велат тие, станува збор за осум мамографи по цена од 85 милиони денари, иако во минатото шест биле набавени за 35 милиони денари. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат во чиј џеб ќе заврши разликата на сумата.
Воедно го обвинуваат министерот Венко Филипче и СДСМ за криминални тендери, откако претходно, како што велат, имало Скандалозен тендер за раегенси и централизирани лабораторатории и скандалозен тендер за сржта на медицината – стерилизацијата.
Министерството за здравство најостро реагира на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во која, како што велат од таму, се изнесени бројни невистини.
Министерството за здравство ја потсетува опозицијата за одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во која се вели дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот со јавните набавки во Министерството за здравство.
До ова министерство воедно велат дека во оваа фаза на постапката четири економски оператори доставиле коментари и предлози во однос на тендерската документација и истите се разгледуваат од страна на стручни лица.
Од причина што постапката се уште не е отпочната самите понудувачи немаат можност да поднесуваат понуди, поради што се поставува прашањето како би можело Министерството за здравство да фаворизира некој економски оператор кога постапката не е објавена, велат од Министерството за здравство.