Во општата болница во Кавадарци, за потребите на лабораторијата, Црвениот крст донираше апарат за анализа на крв за мали деца и бебиња, за да се избегнат траумите при земање на крв од вена на овие најмлади членови на заедницата.

Во рамките на програмата ПХВ – Промоција на хумани вредности, младите волонтери од училиштата ,,Тошо Велков Пепето” и ,,Страшо Пинџур” од Кавадарци, заедно со нивниот дисеминатор Даниела Лазовска најпрво направија истражување во болницата за приоритетни потреби и како резултат на тоа истражување произлегло дека ваквиот апарат е најнеопходен во моментот, а го имало само во неколку болници во државата.

-Волонтерите изработија свој проект, неколку месеци собираа парични средства од свои активности, спортски натпревари, приредби во училиштата, Велигденски пазар на градскиот плоштад, посетија неколку компании кои мора да ги спомнеме, а тоа се Машинокоп Кавадарци и МИ -Комерц, потоа средства од Хуманитарниот паркинг кој е исто така идеја и проект на Црвениот крст, така да се собраа 106.000 денари, колку што изнесува овој апарат.

Благодарност и до градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и Советот на општината кои дадоа поддршка на овој проект и со нивни одлуки се реализирани овие активности. Од име на општината присуствуваше претседателот на Советот д-р Стојанче Рамов- истакна Димитар Каракулев од Црвениот крст.