Министерството за труд и социјална политика е запознаено со организацијата од Алабама која посредува во меѓународното посвојување во чиј програм е и Македонија. Од надлежното министерство велат дека агенцијата е овластена од САД и дека соработката со неа е согласно Хашката конвенција од 1993 година.
„Агенцијата Lifeline, согласно Хашката конвенција од 29 мај 1993 година за заштита на децата и за соработка во областа на меѓународното посвојување, е овластена агенција од страна на Соединетите американски држави за посредување при меѓународно посвојување. МТСП нема реализирано посвојување преку оваа агенција, а во изминатиов период било поднесено само едно барање“.
Ова е наведено во одговорот од министерството во кој додаваат дека „Во Законот за семејство, не е предвиден никаков финансиски надоместок при посвојување на дете. Како што претходно објавивме, на интернет страницата има детален ценовник во кој е наведено дека посвојување дете од земјава чини 40.459 долари. Дел од тие пари се за агенцијата, дел за патни трошоци, а дел за трета страна. Министерството не знае која е третата страна.
„Паричниот износ кој е даден од страна на странската агенција најверојатно се однесува на финансиските импликации кои посвоителите треба да ги надоместат во САД“.
Според Хашката конвенција, финансиската добивка од посвојувањето е забранета, а ако се дознае за таква, надлежниот орган има обврска веднаш да пријави кај централниот државен орган. Контрадикторни се уште неколку моменти.
Од организацијата ни одговорија дека посвоителите бираат пол, возраст и медицински потреби, а од МТСП велат дека посвоителите се бираат по електронски пат. Побаравме средба со надлежен во Комисијата како и подетално објаснување за соработката на МТСП со црковната организација од Алабама.
МТСП молчи, царицата, никој ништо не кажува, „Нешто е скапано во државата Данска“. Некој отворено ќе говори за посвојувањето на нашите деца, ќе ги продава, додека надлежните ќе молчат, ќе се прават дека ништо не знаат и сето тоа ќе поминува така. Зошто нема официјален коментар сеуште за случката – се прашуваат граѓаните по социјалните мрежи, зошто никој од надлежните никого не пријавува и сето тоа не се укине како можност на оваа компанија. До кога вака?