Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август 2021 година заклучно со 13 јануари 2022 година. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата 85.593 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 37% биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица.
Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19% се вакцинирани, 81% не се вакцинирани. Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78% од починатите лица со ковид, биле невакцинирани, а само 22% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARSKоV2.