16 пациенти заболени од Ковид-19 се хоспитализирани на инфективните одделенија низ болниците во Македонија, информираат од Министерството за здравство. Епидемиолошката состојба е стабилна, а само 4 пациенти се наоѓаат на кислородна поддршка, велат од мз.
– Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само 4 пациенти се на кислородна поддршка. Иако здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, искрено се надеваме и посакуваме до тоа да не дојде. Единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација.
Од министерството информираат и дека кај нас досега се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.
Министерството за здравство укажува дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, со највисока граѓанска обврска за вакцинација. Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје.