На 100 000 жени на годишно ниво, според податоците од последните неколку години, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. Потребно е подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ вакцинација кај девојчињата и ХПВ примарен скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години, беше истакнато на денешната прес-конференција што се одржа по повод Недела на борба против ракот на грлото на матката, на која беше наведено и дека во „Мој термин“ се воведува секција „женско здравје“, каде ќе бидат внесени сите извештаи од гинеколошките прегледи, како и од ехо на дојка и момографија.

На прес-конфернецијата што беше организирана од страна на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Македонското здружение на радиолози и Македонското здружение за патологија ( членки на Македонското Лекарско Друштво) беше истакнато ХПВ тестирањето е статистичка метода со која се покажува дека практично жената којашто има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.

– Примарен ХПВ скрининг – тоа значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на гентипот на вирусот, односно дали се работи за ниско или високо ризичен, наведе професорот Рубенс Јовановиќ.

Тој појасни дека веќе повеќе европски земји практикуваат примерен ХПВ скрининг, со тоа што скринингот се спроведува кај жените на возраст од 25 до 65 години и додаде дека е утврдено во тој скрининг да не спаѓаат жените од помладата возрасна група од 21 до 25 години бидејќи бројот на инфекции кај таа возрасна група е голем и анализите покажуваат дека најголем дел од тие инфекции спонтано ќе се елиминираат и само во помал процент вирусот ќе премине во интегративна фаза.

Професорот Јовановиќ истакна дека на здравствените власти им е даден предлог за спроведување на примарен ХПВ скрининг.

– Доколку нашиот здравствен систем тргне со примарно ХПВ тестирање треба да повнимаваме тоа да се одвива по строги протоколи, со строги тестови, бидејќи од повеќе од 480 тестови достапни на пазарот само 14 се валидирани, а само четири се одобрени од Американската агенција за храна и лекови. Ќе треба многу да се внимава, бидејќи многу е битно, доколку се одлучиме за ваков тип на примарен скрининг, сите лаборатории коишто ќе бидат инволвирани во тој скрининг да користат иста методологија и исти тестови за да имаат компарабилни резултати, нагласи Јовановиќ.

Во однос на вакцините на прес-конференцијата беше истакната дека процентот на вакцинирани не е доволен и оти мора да се подигне јавната свест за ХПВ вакцината. Деветовалентната вакцина, се смета за откритие на 21 век. Професорката Александра Гроздановска посочи дека се објавуваат многу дезинформации во однос на вакцините.

– ХПВ вакцината е една од најпосебните вакцини бидејќи станува збор за вакцина која што покрај тоа што делува на инфективно заболување, а тоа е ХПВ инфекцијата, превенира развој на карционом, потенцираше Гроздановска.

Таа додаде дека ракот на грло на матка е втор по карциномот на гради и дека најдобро е да се превенира. Гроздановска наведе дека државата нуди ефикасната и достапна вакцини за која треба да се подигне свеста кај родителите и девојките кои се од 12 до 15 годишна возраст да се вакцинираат.

Професорите на прес-конференцијата ги претставија и придобивките кај земјите кои вовеле примарен ХПВ вирус како и од примената на ХПВ вакцината.