Интернетот и социјалните мрежи земаат се поголем замав во секојдневието како на возрасните така и на децата. Од особено значење е влијанието на интернетот и социјалните мрежи врз однесувањето на децата бидејќи тие се младите умови кои многу полесно го апсорбираат секое делување, однесување или говор и потоа свесно или несвесно го повторуваат или практикуваат.
Во периодот од 27 до 30 март годинава, врз репрезентативен примерок од 1117 испитаници, Институтот за политички истражувања Скопје спроведе истражување за влијанието на интернетот врз децата.
Според него, 66,6% од граѓаните го оценуваат како негативно влијанието на интернетот врз децата, додека 24,3% сметаат дека има позитивно влијание. Според етничката структура, 71,3% од Македонците сметаат дека интернетот има негативно влијание врз децата додека кај етничките Албанци процентот на граѓани кои гледаат негативно влијание изнесува 49,4%. Позитивно влијание на интернетот врз децата гледаат 20,4% Македонците и 37,9% етнички Албанци.
Над три четвртини од граѓаните сметаат дека децата поминуваат премногу време на интернет. Ваков став делат точно 78,8% од анкетираните додека само 2,3% сметаат дека децата поминуваат премалку време на интернет. 11,6% од граѓаните се на ставот дека времето што го поминуваат децата на интернет е соодветно. Дури 85% од анкетираните сметаат дека интернетот има влијание на зголемување на социјалната отуѓеност на децата додека 8,6% сметаат дека нема влијание.
Во однос на ставот дали треба да се забранат одредени апликации, игри или социјални мрежи за малолетните лица, 84,9% од испитаниците одговориле позитивно, додека само 9,2% сметаат дека не треба.
Според резултатите од анкетата, најмладите поминуваат најмногу време на интернет, поточно 34,8% од оние кои имаат помалку од 30 години поминуваат повеќе од 4 часа секој ден на интернет.