Две странски компании ги спакувале куферите и ставиле клуч на врата поради лошата состојба во текстилната индустрија во Македонија, алармираат од текстилниот кластер. Според Маријана Перковска текстилците полека, но сигурно го губат оптимизмот.

Само последниве неколку месеци нарачките им се намалиле за околу 20 до 30%. Наспроти очекувањето дека ќе попушти кризата, негативните тенденции во текстилниот бизнис на голема врата продолжуваат. Побарувачката тоне, а со тоа и конкуренцијата на македонските текстилни погони.

  • Со одлука на Уставниот суд се укина нормираниот учинок. Не знам во која производствена дејност не се мери нормиран учинок. Но тоа е завршена работа и затоа бараме на некој начин државата да ни помогне. Нашите барања се државата да супституира 50% од бруто-придонесите да бидат на нејзин товар. Не бараме тие пари да одат кај нас, туку во џебот на вработените. Исто така, бараме да ни се амортизира делот од замрзнатиот курс на денарот. Од пред 10 години платите во просек се зголемија за 70%, а курсот на денарот во однос на еврото остана зацементиран. Но ние работиме со странство, рече Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил.

Текстилните работници лути на власта. Бараат државна поддршка за опстанување на бизнисот, зашто според нив, секторот кој до сега бележел најголем раст во економијата, во моментов е на колена. Се жалат, државата да не се фали дека само помага, кога до денес никој не им помогнал.

Дел од текстилните компании остро реагираат на изјавите на министерот за финансии дека се покачувале платите. Велат, ако не биле купувачите од соседството, тешко дека ќе закрпат крај со крај.

  • Ние не бараме пари за нас, туку за работниците. Ако некој од Влада каже дека платите се покачиле, не ги покачиле они. Ние ги дадовме тие пари. Се’ е на наш грб. Министрите дадоа пари на земјоделците, а на нашите вработени даваат нашите партнери од Германија, Швајцарија, Франција. Тие ја држат целата работа овде, а ние за да ги задржиме мора да имаме цени што се конкуретни на странскиот пазар. Не може некој министер да излезе и да каже – вие возите џипови. Каков е тој одговор, тоа е смешка. Денес во 21 век бизнисмените одат со авиони, а не со џипови. Ако дојде некој газда ние во југо ли ќе го возиме, рече Сашко Станоевски од Управниот одбор на Текстилниот кластер.

Во моментов, ниту една текстилна компанија не може да го зголеми бројот на вработени, а камо ли да размислува за зголемување на платите. Условите за државна помош за текстилците се невозможни, зашто недостасува работна сила на пазарот на труд.

Во моментов, велат, тие се соочуваат со загуби, а фирмите, особено оние кои бројат помалку работници, едвај крпат крај со крај.

Бизнисмените велат дека сегашната ситуација е неподнослива. Проблемот е што индустријата тоне, а цените на материјалите постојано растат. Затоа компаниите не можат да ја зголемат платата.