Повеќе од 100 грама алкохол неделно е штетно за здравјето, наведуваат епидемиолози и експерти за јавно здравство во студијата објавена во медицинскиот весник “Лансет”. Тоа се десет чаши неделно – од по 2,5 децилитри пиво, или по еден децилитар вино, или по 0,3 децилитри жестоки пијалаци.

Таа количина претставува најмал ризик за смрт, а е утврдена со испитување на 600.000 луѓе кои пијат. Во британската студија се наведува дека секоја чаша над препорачаните десет чаши неделно, го намалува животот за 15 минути.

Научниците посочуваат дека многу земји се премногу благи во советите за умерено консумирање алкохол и предупредија дека треба да се соопштуваат повеќе препораки за опасноста од алкохолот.

Франција е една од најстрогите, бидејќи не препорачува повеќе од десет чаши алкохолни пијалаци неделно, Белгија дозволува 21 чаша за мажи и 14 за жени, а во Швајцарија не повеќе од 10 до 15 чаши за мажи.