Најмалку 11 земји членки на ЕУ досега регистрирале случаи на новиот сој омикрон на корона вирусот. Како што соопшти здравствената агенција на Унијата, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), досега се пријавени вкупно 59 случаи, од кои 16 се во Холандија, 14 во Португалија, а девет во Германија. По четири случаи има пријавено во Данска и Италија, по три во Австрија и Шведска, по два во Белгија и Шпанија и по еден во Чешка, како и на островот Реунион во Индискиот Океан, што е дел од Франција.

Експертите се загрижени дека сојот омикрон се проширил многу подалеку отколку што е досега регистрирано.

– Патниците можеби ја ширеле варијантата со недели изјави Оливер Кеплер, раководител на Институтот Макс фон Петенкофер, кој се фокусира на заразни болести на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен.

Засега не е јасно дали регистрираните случаи од ЕЦДЦ се темелени на ПЦР тестови или на генетско секвенционирање. Но, Кеплер истакна дека има низа други сомнителни случаи низ Европа, повеќето поврзани со патување во јужна Африка. Засега, ниту еден од случаите не предизвикал сериозна болест или смрт.