Според најновата студија, корона вирусот може да остави долгорочни последици за нашето тело. Низ светот започнува нов бран на корона вирусот, а како што пренесува британски „Експрес“, едно од 19 лица во Обединетото Кралство моментално е заразено со корона вирусот.
Како што продолжува пандемијата, оваа ситуација вклучува сè повеќе луѓе кои страдаат од Ковид по втор, а можеби и трет пат. Со повторени инфекции, ризикот од развој на други состојби е поголем. Податоците од големото британско истражување спроведено од Кралскиот колеџ во Лондон покажуваат дека ризикот од дијабетес е зголемен за 80 отсто кај пациентите со корона вирусот.
Покрај зголемениот ризик од развој на дијабетес, зголемен е и ризикот од неправилна работа на срцето и згрутчување на крвта во белите дробови. Ова е алармантна информација за сите оние кои мислеа дека Ковид е сличен на обична настинка или грип. Сепак, студијата вели дека зголемениот ризик од кардиоваскуларни болести се враќа во нормала седум недели откако ќе добиете позитивен тест за корона.
Сепак, ризикот од дијабетес трае подолго, дури и шест месеци по инфекцијата.
– Лекарите се свесни за потенцијалниот зголемен ризик за нивните пациенти, а особено се посветени на тоа како можат да го намалат ризикот од добивање дијабетес во првите три месеци по инфекцијата. Тоа најдобро се спречува со подобрена исхрана и вежбање – изјави д-р Ема Резел-Потс од Кралскиот колеџ во Лондон.
Оваа студија може да предизвика голем шок, но докторот посочува дека постојат одредени фактори кои ја објаснуваат оваа појава. Таа истакна дека пациентите со Ковид во нивната студија биле претежно дебели и имале предиспозиција за развој на дијабетес. Сепак, смирувачко е што ризикот од дијабетес и кардиоваскуларни болести се враќаат на основното ниво по одредено време надвор од болеста, само што ризикот од дијабетес трае неколку месеци.