Според најновите податоци во Националниот информативен систем, во Бугарија има 4979 нови заразени со Ковид-19. Досега се потврдени вкупно 545.598 случаи на коронавирус во Бугарија, од кои 63.241 се активни. Во последните 24 часа направени се 26 780 тестирања.

Бројот на нови пациенти во болниците е многу висок – 1251, при што 89,21 % од нив не се вакцинирани. Важен детал е дека 84,23 % од позитивните примероци за тој ден не се вакцинирани. Рекорден е и бројот на починати во последното деноноќие – 214, при што 94,39 % биле невакцинирани против Ковид-19. Вкупниот број на смртни случаи во Бугарија од Ковид сега изнесува 22.488. Вкупниот број на пациенти со докажана инфекција со коронавирус во болниците е 6.258, од кои 537 се на одделенија за интензивна нега.

Во Бугарија досега се дадени вкупно 2.634.699 дози вакцини против Ковид-19.

Министерот за здравство на Бугарија Стојчо Кацаров размислува за воведување дополнителни рестриктивни мерки, од кои едната е воведување на „зелен сертификат“ за имунизираните лица, кои ќе можат да посетуваат ресторани и кафулиња. Истата мерка најверојатно ќе биде воведена за лекарите, медицинските сестри, социјалните работници и наставниците, но не и за учениците.